„Слатко во дворче“ на Јуроп Хаус Велес  – традицијата да се проба, споделува и пренесува на младите

Објавено: 21 септември, 2026, во 10:36 часот

Во време кога рецептите сè почесто се запишуваат во тетратки и се споделуваат онлајн, најубавите семејни рецепти често остануваат само во сеќавањето – со совети како „стави уште малку шеќер“, „нека поврие“ или едноставно „ќе знаеш кога е готово“. Токму ваквите рецепти и традиции ќе бидат во фокусот на четвртото издание на серијалот “Креативна дружба во Дворче“, кое ќе се одржи на 24 септември со почеток во 18:00 часот во Europe House Veles.

Тогаш учениците од РЦСОО „Коле Неделковски“ – Велес, под менторство на своите професори, ќе подготват теглички домашно слатко, инспирирано од традиционалните рецепти кои се пренесуваат од бабите и мајките. Посетителите ќе имаат можност да го пробаат слаткото и заедно со младите да се потсетат на вкусовите и начинот на подготовка што се дел од локалната кулинарска традиција.

Настанот има за цел да ги поврзе младите, постарите генерации и локалната заедница преку нешто едноставно, но значајно – храната и приказните што стојат зад неа. Посетителите ќе имаат можност освен дегустација, да добијат и едно “тегленце” слатко за дома.Атмосферата на настанот ќе ја придружува и музика во живо oд триото “Hot Jazz Orchestra”.

„Слатко во Дворче“ е уште една можност традицијата да не остане само запишана во старите тетратки, туку да продолжи да се споделува, проба и пренесува на новите генерации.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.