ЗГ „Разбој“ распиша литературен и ликовен конкурс за велешките ученици

Објавено: 14 септември, 2026, во 16:07 часот

По повод својот 20-годишен јубилеј, Здружението на граѓани „Разбој“ – Велес, со поддршка на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес, распиша локален награден конкурс за поезија, проза и ликовни творби под мотото: „Чувај го минатото – создај сигурна иднина!“

Конкурсот е отворен од 10 и ќе трае до 30 септември, годинава. Учениците имаат можност да учествуваат на конкурсот со предавање на своите творбите во просториите на велешката библиотека или да ги испратат на адреса: „Алексо Демниевски – Бауман“ бр.11, 1400 Велес.

Право на учество имаат учениците од основните (од 6-то до 9-то одделение) и средните училишта (од 1-ва до 4-та година) од велешкиот регион. Конкурсот е поделен во две главни категории, со точно определени теми и пропозиции за изработка на творбите.

Творбите на заинтересираните ученици, од основно образование, од 6-то до 9-то одделение, од литературниот жанр поезија треба да се пишуваат на тема „Мојот Велес – град што раскажува“ (творбата да биде до 24 стиха), од жанрот – проза на тема „Приказна од мојот крај“ (творбата да биде најмногу 2 страни) додека за ликовниот конкурс на тема „Боите на Велес преку културното наследство“ (техниката за изработка е слободна).

За учениците од средно образование (од 1-ва до 4-та година) темата од литературниот жанр поезија гласи „Наследството што го носам“ (творбата да биде до 28 стиха) додека од жанрот проза на тема „Наследството што го носам“ (творбата да биде најмногу 3 страни). Ликовниот конкурс е на тема „Традицијата низ очите на младите“ (техниката за изработка е слободна).

Сите творби мора да бидат оригинални – секакви копии и користење на туѓи трудови нема да бидат прифатени. Со творбите задолжително треба да бидат доставени податоци кои што содржат име и презиме на ученикот, име на менторот и училиштето, контакт телефон од менторот и е-mail адреса од менторот и ученикот.

Христијан Саздовски од ЗГ „Разбој“ истакна дека финалниот настан и свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 8 октомври, четврток, со почеток во 18:00 часот, во Медијатеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес. За секоја категорија ќе бидат доделени награди, а секој учесник ќе добие благодарница електронски.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.