Пендаровски испратил порака до Ердоган за побрза екстрадиција на Палевски
Шефот на државата, Стево Пендаровски вчера ја доставил најавената порака до кабинетот на турскиот колега Реџеп Таип Ердоган за екстрадиција на лицето кое се наоѓа во екстрадициски притвор во Турција, Љупчо Палевски-Палчо.
Од Кабинетот на Пендаровски не соопштуваат повеќе детали за содржината на пораката.
Пред два дена, во телевизиско гостување, Пендаровски истакна дека размислува да испрати порака до Ердоган, со став дека Скопје очекува побрза екстрадиција на првоосомничениот за киднапирањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.
Претседателот нагласи дека не треба да се дозволи предолго да трае процесот на екстрадиција од Турција.
„Тоа е работа на министерот за правда, кој го испрати барањето за екстрадиција, но случајот е преголем за да го оставиме само да помине низ некои бирократски коридори и тоа не дај боже да трае со месеци или години“, кажа шефот на државата, одговарајќи на прашањето дали со ова може да биде обвинет дека се меша во независноста на судската власт во Турција.
Министерството за правда на 7-ми декември испрати барање до Турција за екстрадиција на Палчо. Според меѓународна потерница, Палевски е уапсен на 5-ти декември во градот Баликесир во Турција, каде што пристигнал преку Бугарија и Србија.
За случајот со киднапирањето и убиството на 14-годишното девојче и 74-годишниот фризер, Основното јавно обвинителство Скопје веќе покрена истражна постапка против пет лица, меѓу кои и таткото на девојчето.
Дума.мк