Издумани Крлевизми за пиењето: „Кога сум пијан, луѓето се оправдано дволични“
Афористичарот Атанас Крлевски со нови афоризми за читателите на Дума.мк на тема „пиење“. Прочитајте ги, насмевката е загарантирана!
-Секогаш пијам! Кога победувам – од радост, а кога губам – за да заборавам.
-По утрото денот се познава… ако сте трезен!
-Кога ми се јаде – јадам, кога ми се пие – пијам, а кога се работи… сите ми пречат.
-На ден, пијам само три во едно. Пред ручек –ракија, на ручек – вино и поручек – пиво!
-Пиев за да го најдам одговорот, а го заборавив прашањето.
-Кога сум пијан, луѓето се оправдано дволични.
-Откако се пијанчам, околу мене се помалку будали.
-Не се опивам дури и од љубов. Од пијаниот сите бегаат.
-Кога се враќам дома пијан, жена ми е како лажен профил на Фејсбук. Ја гледам, а не знам која е.
-Ништо така не ја грее душата на мажите како ладна жолта! Таа обожува жолти синџирчиња, а тој – жолта со синџирче.
-Купивме стан по мој вкус. Со поглед на кафеана.
-Во кафеана, случки од пет минути се прераскажуваат пет години и секогаш со нови детали.
-На гостите во мојата кафеана, две им точам – една им наплаќам. Без идеи – нема бизнис!
-Обожувам ресторани со бесплатен вај-фај. Јас јадам и пијам, а жена ми сурфа.
-Жена ми ќе ја спасам од моето ‘рчење. Од кафеана ќе се прибирам во раните зори.
-На келнерите не стигнувам да им дадам бакшиш. Побрзи се од мене.
-Најчесто ми недостасуваат вистини за испиеното вода. Секоја вистина ни е заедничка.
-Со жена ми пиеме вино од иста чаша. Вистината не е веќе во виното. Си кажуваме се и со вино.
-Времето работи за винариите. Да се биде, а не да се има – рече боемот и нарача уште по една за целата кафеана.
Афористичар Атанас Крлевски
Дума.мк