МОН: Повици за парични награди за освоени медали на научни олимпијади
Министерството за образование и наука објави повик за доделување парична награда за освоен златен, сребрен или бронзен медал на една од 13 меѓународни научни олимпијади (International Science Olympiad), како и повик за доделување парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки во средно образование. Тие се доделуваат на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за олимпијадата односно за меѓународниот натпревар.
Во однос на повикот за награда за освен медал на меѓународни научни олимпијади, МОН ќе додели, поединечно, на ученикот и на наставникот кој го подготвувал за олимпијадата, парична награда во износ од 12.000 денари месечно за освоен златен медал, 10.000 денари месечно за освоен сребрен медал и 8.000 денари месечно за освоен бронзен медал. Паричната награда ќе се исплаќа за период од 12 месеци.
За повикот за парична награда за освоени први три места на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, МОН ќе додели поединечно парична награда во износ од 50 проценти од просечната нето плата исплатена во последниот месец пред доделувањето за освоено прво место, 40 отсто за освоено второ место и 30 отсто за освоено трето место.
Министерството за образование и наука во повикот напоменува дека не доделува парична награда за освоени први, втори или трети места на натпреварот по математика „Кенгур” што го организира Сојузот на математичарите на Република Македонија, кој е дел од Меѓународната асоцијација „Kangourou sans Frontieres”, бидејќи тој не се смета за меѓународен натпревар. Исто така, МОН не доделува парична награда за освоени први, втори или трети места на меѓународните натпревари кои се организираат преку онлајн-аплицирање и меѓународните натпревари кои се однесуваат на проекти.
Двата повика се отворени за пријавување на заинтересирани кандидати до 31 август 2024. Во нив се наведени повеќе информации за условите за учество и за начинот на пријавување.
МОН објави и повици за акредитација на здруженија на наставници за организирање натпревари на учениците по одделни предмети во средното образование и за акредитација на здруженија на наставници кои организираат натпревари на ученици од основните училишта.