Во велешката касарна, одбележан 15 Април – денот на КОД
Командата за обука и доктрини (КОД), како носител на традициите на пристигнувањето на првите регрути на отслужување на воениот рок и пополнување на армиските единици, со воена свеченост во касарната „Алексо Демниевски Бауман” во Велес, го одбележа 15 април – Денот на единицата.
Министерката Славјанка Петровска пред присутните истакна дека вистинската сила не лежи само во физичката моќ или техничката експертиза, туку и во непоколебливата посветеност на припадниците на Командата за обука и доктрини на македонската Армија кон вистинските вредности и принципи.
„Преку вашето менторство и водство, нашите припадници учат како да бидат подготвени за секој предизвик и како да ги одржуваат највисоките стандарди на Армијата, стандарди на интегритет, чест и почит. И никогаш и под никакви услови не отстапувајте од нив“, рече Петровска. Министерката им порача дека преку пренесувањето на нивното знаење и професионалност, тие не се само инструктори или стратези, туку дека се архитекти на извонредност.
„Вашата посветеност и професионалност се дополнителен мотив да се продолжи со мудрото инвестирање и во опрема и во инфраструктура, но и во човечкиот капитал, додаде Петровска.
Командантот на КОД, полковник Васко Коколански во обраќањето истакна дека, командата во изминатата година во целост ја има исполнето својата мисија во поддршка на единиците на Армијата, а со своите инфраструктурни капацитети, пред се Армискиот полигон „Криволак“ овозможува потребна поддршка и на сојузничките и партнерски армии. Тој истакна дека исполнувањето на дадените задачи се должи не само на поддршката од генералштабот, туку и на високиот професионализам, обученост и мотивираност на припадниците од КОД.
„За да се постигне високо ниво на оспособени капацитети, потребни се прописи, стандарди, инфраструктурни капацитети за поддршка на обуката и високо мотивиран инструкторски кадар за обука на персоналот, со еден збор се она што се наоѓа во КОД“, рече полковник Коколански.
На воената свеченост се доделија стимулативни мерки на припадници од командата за постигнати резултати во работењето, на организации и поединци со кои соработува командата, како и на екипи кои учествуваа во спортските натпревари организирани по повод денот на единицата.
Во рамки на воената свеченост пред присутните се реализираше показна вежба со службени кучиња од центарот за одгледување и дресура кој е дел од КОД, а беа изложени и дел од вооружувањето и опремата, се прочита најдобрата поема од учениците од училиштата во Велес кои учествуваа во натпреварот по повод Денот на единицата, а исто така беа изложени и цртежи од ученици од основните училишта.
Командата за обука и доктрини го одбележува 15 април, како носител на традициите на периодот кога во 1992 година во редовите на Армијата, во касарните во Скопје, Битола, Штип и Охрид отпочнаа да пристигнуваат првите регрути на отслужување на воениот рок.
Убавка Јаневска