(фото и видео) Отворена изложба во дворот на државното училиште „Коле Неделковски“, учениците го одбележаа светскиот ден на уметноста
Средношколците од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во текот на претходната недела од стари палети направиле штафелаи и платна со цел Светскиот ден на уметноста да го одбележат со ликовна работилница. Благодарение на нив, денеска, во дворот на училиштето, средношколците заедно со нивните гости од четирите основни училишта цртаа и заеднички се дружеа. Идејата за овој настан, од подготовка на штафелаите и платната до целосна реализација била на професорката по ликовна уметност Пале Јовановска.
Пред почетокот, младите уметници имаа можност да слушнат нешто повеќе и за одбележувањето на Светскиот ден на уметноста. Ученици подготвени од професорката Мариче Стојанова по македонски јазик и литература кратко и јасно ги издвоија поентите и потсетија дека овој ден е посветен на великанот Леонардо да Винчи.
Еден од средношколците на големи платна го наслика училиштето како и ликот на Коле Неделковски.
По завршување на своите уметнички дела, учениците штафелаите со платната ги подредија во еден ред и направија изложба којашто е од отворен карактер за сите граѓани и ќе може да се види до крајот на работниот ден.
Исто така, сите учесници на работилницата оставија и принт од своите раце на еден од ѕидовите во училиштето.
Во претходниот период средношколците естетски го уредиле целиот училиштен двор.
Стефани Манева
фото: