„Паника“ нова премиера на Велешки театар
Новата претстава „Паника“ на велешкиот театар е дуо драма работена според Мика Мулуахо а во режија на Александар Ивановски. Во неа играат младите талентирани велешани Стефан Николовски како Лазе и Филип Христовски како Мики. Претставата е всушност за двајца другари што подолг временски период се немаат видено и после сите случувања во животот во текот на годините тие се соочуваат еден со друг, си помагаат меѓусебе, се провоцираат еден со друг преку што избиваат нивните внатрешни конфликти.
-Во претставата се навлегува во најдлабоките теми на суштествувањето, прашања што го мачат секој човек кој сака да биде сакан и прифатен, а општествениот и социјален притисок наметнува стеги каде индивидуалниот идентитет се гуши, се преиспитува себеси, а преку оваа претстава сугерираме дека човек треба прво да се прифати таков каков што е, за да може да се промени. Играјќи си со жанровите, понекогаш нештата изгледаат многу трагично, а има мигови кога не ќе можете да се воздржите од смеење, поради суптилниот хумор што се провлекува низ целото дело и преку кој се релативизираат проблемите, се разобличуваат карактерите со нивните човечки мани, оправдувајќи ја нивната несовршена природа, велат од Народен Театар „ЈХ.К Џинот“.
Драматург на претставата е Катерина Момева, сценографијата е на Филип Коруновски, инспициент Славиша Ѓеоргиев, суфлер Орхидеја Дукова, технички раководител Никола Игнов, светло Марјан Тодоровски, Зоран Јордев, тон Сашко Костов, гардеробер Елена Кочановска, реквизитер Благој Илиев и декоратери Игор Гаврилов, Хишам Латифов, Ѓоре Павлов, Јовица Стаменковски, Трајче Кулев, Трајче Џајков.
Инаку од велешки театар додаваат дека билетите за премиерното издание на „Паника“, во петок, на 19 април, се веќе распродадени, терминот за првата реприза ќе биде дополнително објавен.
Стефани Манева