Активен пожар помеѓу село Отиштино и село Оризари во велешко, гори ниска вегетација
Пожарот помеѓу село Отиштино и село Оризари, кој во ТППЕ Велес бил пријавен вчера, на 9 јули, во 16:17 часот е се уште активен каде гори ниска вегетација и интервенираат велешките пожарникари, информираат од Центар за управување со кризи.
Во текот на вчерашниот ден по пријавата од страна на ПС Чашка, шест пожарникари со две противпожарни возило веднаш се упатиле кон местото каде по пристигнување затекнале пожар во развиена фаза и од лице место побарале помош од уште едно противпожарно возило со пет пожарникари.
Како што соопштуваат од ЦУК по неколку часовната борба со пламените јазици велешките пожарникари го ставиле под контрола пожарот но поради темнината се повлекле од теренот. Утрово продолжиле да дејствуваат согласно затекнатата ситуација на лице место.
Инаку во ЦУК вчера биле пријавени 13 пожари од кои една третина биле на повик за гаснење депонии или ѓубришта, а од нив вообичаено се шири огнот и на поголем простор во околината.
-Вообичаено тие диви депонии се до населби и освен што од нив може да се прошири пожарот, дополнително опожарените диви депонии и ѓубришта го загадуваат амбиенталниот воздух, особено во градовите каде што е веќе загаден воздухот, додаваат од ЦУК.
Се апелира до граѓаните да не палат отпадоци и ѓубре на ова топло време и сува вегетација во природата.
Стефани Манева