Сто триесет и пет ученици за прв пат ќе седнат во ученичка клупа во Општина Чашка
Дванаесет ученици во една паралелка во ООУ„Тодор Јанев“ во населба Чашка и 11 ученици во исто така една паралелка во подрачното училиште во село Мелница годинава ќе го започнат своето образование во учебната 2024/25 година.
Освен овие 23 првачиња на територијата на Општина Чашка за прв пат во ученички клупи од септември, годинава, ќе седнат и четири ученици во подрачното училиште на ООУ „Петре Поп Арсов“ во Извор. Едно прваче ќе има и компинираната паралелка на во новото монтажно училиште во селото Согле. Нема првооделенци во подрачното училиште во Богомила. Вкупниот број на првачиња кои наставата ќе ја следат на мајчин, Македонски јазик, изнесува 28.
Според Сали Латифи, советникот за образование,спорт и култура на Општина Чашка во третото општинско основно училиште „Лирија“ во село Горно Јаболчиште за прв пат во ученичките клупи во септември ќе седнат 75 ученици, во три паралелки. Во подрачното училиште во Долно Јаболчиште во прво одделение се запишани 19 ученици коишто ќе учат во една паралелка додека во училиштето во село Врановци на училиште ќе тргнат 8 ученици, во една паралелка. Се до завршување на градежните работи и поставување на монтажното училиште во село Бањица, пет првачиња, настава на мајчин, Албански јазик, ќе посетуваат во една паралелка, во зградата на ООУ„Тодор Јанев“ во Чашка. Во ова училиште ќе продолжат да учат и петте ученици во воро одделение, се додека се гради, поточно се постави и биде пуштено во употреба монтажното училиште во село Бањица. Тоа треба да се случи во месец декември, годинава, со што ќе се формира нов, четврти, образовен субјект во општината во која бројот на првачиња во учебната 2024/25 година изнесува 107 на настава на Албански јазик.
Убавка Јаневска