34 години Команда за обука и доктрини- одбележан 15 Април (видео и фото)

Објавено: 15 април, 2026, во 13:13 часот

Во велешката касарна „Алексо Демниевски-Бауман“ денеска беше одбележан 15 април – Денот на Командата за обука и доктрини – КОД. На свеченоста поточно со која се одбележа 34 годишнината на оваа воена формација присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски чии домаќин беше  Командантот на КОД,бригаден генерал Лулзим Нуредини.

Свеченоста со своето присуство ја почестија и заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, генерали во Армијата, пензионирани генерали, поранешни команданти на КОД, претставници од Армијата, Министерството за одбрана, воено-дипломатскиот кор, локалната самоуправа, верските заедници, локални институции и други гости.

Со највисоки почести сите тие го пречекаа македонското знаме кое на пистата го донесоа војници газејќи строев чекор. Потоа ја проследија и Химната на Република Македонија.

Министерот за одбрана  Владо Мисајловски, во своето обраќање од свечената бина потсети дека Командата за обука и доктрини е местото каде што „се дефинира начинот на кој Армијата учи, се развива и функционира. Тука се поставуваат основите на секој еден професионален припадник“ и додаде дека само со јасни доктрини, со квалитетна обука и со континуирано усовршување, ќе имаме функционална и подготвена Армија. Тој потсети  и на армискиот полигон „Криволак“ кој како дел од Командата за обука и доктрини претставува еден од најважните ресурси на Армијата и ја најави претстојната вежба „Блесок 26“ на која ќе се изврши оценување на Лесната пешадиска баталјонска група.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во своето обраќање истакна дека Командата за обука и доктрини ја надминува рамката на класична обука, спроведувајќи трансформација на цивилниот потенцијал во високо обучен, дисциплиниран и вредносно профилиран воен кадар, способен за извршување задачи во сложени и динамични  оперативни средини.

Командантот на КОД,бригаден генерал Лулзим Нуредини, во своето обраќање до присутните истакна дека водени од мотото „Секоја вештина бара усовршување“, припадниците на КОД остануваат цврсто посветени на исполнување на доделените задачи, усогласување со НАТО стандардите и континуирано унапредување на способностите на Армијата. Тоа што го нагласи Нуредини е дека припадниците на Командата дале значаен придонес и во поддршка на цивилните институции, особено при справување со пожарите што ја зафатија нашата земја, потврдувајќи ја својата професионалност и подготвеност да служат на граѓаните.

Во рамки на свеченоста беа доделени стимулативни мерки на припадници на КОД за постигнатите резултати во работењето, благодарници на организации и поединци со кои Командата соработува, како и дипломи на екипите кои учествуваа на спортските натпревари организирани по повод Денот на единицата.

Дополнително, на победниците на конкурсите за најдобра ликовна творба и најдобра поема  организирани од ООУ „Васил Главинов“ –Велес, им беа доделени признанија и награди.

На настанот беше прочитана и најдобрата поема, а беа изложени и цртежи од ученици од основните училишта во Велес.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.