Вера Благојевиќ Самарјанин добитничка на Наградата за животно дело „Коле Неделковски“ за 2024 година
Писателката, мисионер на хуманистичките вредности и верба во човечките добрини, Вера Благојевиќ Самарјанин е добитничка на годинешната Награда за животно дело „Коле Неделковски“ во организација на Клубот на писатели „Коста Солев – Рацин“ од Велес со поддршка од локалната самоуправа. Добитничката има издадено седумнаесет прозни дела, триесет збирки со поезија за возрасни, една поезија за деца, четириесет и две сликовници и десет алманаси за основни училишта. Уредник е на 36 стихозбирки од група автори и рецензент на 61 дело од други автори.
Од Клубот на писатели „Коста Солев – Рацин“ годинешната добитничка ја опишуваат со зборовите „еден човек звучи малку, а може многу, особено кога несебично ја отвара писателската душа и споделува тајни на познати и непознати, преточени со убавиот пишан македонски збор, излеани во песка, раскази, зборници, сликовници, овековечени во 121 книга“.
-Разлистувајќи страница по страница, книга по книга, ја запознаваме личноста на нашата драга пријателка, личноста на Вера Благојевиќ Самарјанин. Родена е на 16.03.1955година во Битола, животните раскрсници го трасираат нејзиниот пат и таа иако е со постојано место на живеење во Битола, повремено престојува во Италија, Србија, Хрватска, Словенија и Канада, но континуирано создава и пишува на родниот македонски јазик. Мотивите во своите дела ги црпи од секојдневието, од детството, пишува за драгоцените семејни вредности, патриотските чувства за родната грутка земја, за својата Македонија, за хуманоста без граници и активности за помош и поддршка на оние, кои судбината ги онеправдала, за гладните, болни и немоќни, со голема надеж, почит и верба во бога, инспирирана од делата на светата Мајка Тереза. Со многу ентузијазам, љубов, посветеност и позитивна енергија таа го спојува духовното, со материјалното, хумано подарувајќи 30. 000 книги во градинки, училишта, библиотеки, домови за стари лица, опишуваат од Клубот на писатели.
Оттаму додаваат дека сите нејзини книжевни дела се самофинансирани со помош на семејството, кое е најверниот поддржувач, поттик и мотивација во импозантното книжевно творештво на Благојевиќ.
Таа е член е на „Медитеранската Академија“ од Струга, почесен член на НУБ „Григор Прличев“ од Охрид, член на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес и основоположник на поетско-ликовно- музичката манифестација „Пауна 2019“ од Охрид, заедно со Драган Мијалковски, Живко Поповски – Цветин и Марија Џоџа Симон. Од оваа година е и член на Литературното Друштво „Браќа Миладиновци“ во Торонто, Канада.
-Има преведено на англиски јазик две прозни дела за возрасни, „Чекори под патот“ и „Првиот
учител“, а сликовниците „Ива и Неме“ и „Звонко и Зоран во зимските сказни“ се преведени на српски, англиски и италијански јазик. Добитник е на многубројни награди за хуманост. Преку 121 издадени и испечатени книги, таа успева својата просветителска дејност да ја прошири и надвор од границите на татковината добивајќи поддршка од многу сонародници, писатели од дијаспората и македонски литературни клубови, објаснуваат од велешкиот Клуб на писатели.
Несомнено е дека Вера Благојевиќ Самарјанин со своите дела остава траен и значаен белег во историјата на македонската литература и книжевност. Нека биде само продолжување на нејзиниот творечки животен пат во кој како креатор и создавател ќе испишува нови стихови и раскази, со хумани пораки до сите генерации.
Стефани Манева