Бесплатно годишно членство во велешката библиотека за сите првачиња и деца од предучилишна возраст
Во месец септември сите деца од предучилишна возраст можат бесплатно да се зачленат во велешката библиотека „Гоце Делчев“ и да уживаат во сите книги наменети за нивна возраст. Потребно е тие заедно со своите родители да го посетат домот на книгата, да се зачленат и цела година бесплатно да ги позејмуваат своите омилени детски книги.
Како што соопшти директорката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Снежана Бошевска, бесплатно членство според правилникот следува и на сите првачиња, затоа во текот на месец септември тим од велешката библиотека ќе ги посети сите основни училишта и на сите првачиња ќе им додели ваучер за бесплатно членство. Така што секое прваче ќе може да го вежба своето читање со сите книги наменети за неговата возраст коишто ги нуди библиотеката.
-Почитувани родители, вклучете го Вашето дете во магијата на книгите уште од најмала возраст и овозможете му да расте со љубов кон читањето. Не пропуштајте ја оваа можност, искористете го вашиот ваучер и почнете да уживате во бескрајните приказни и знаења што ги нуди светот на книгите, додава Бошевска.
Велешката библиотека може да ја посетите секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.
Стефани Манева