Издумани Крлевизми: „Старите занаети изумираат, а најстариот пука од здравје“

Објавено на 18 октомври, 2024 во 15:10

Афористичарот Атанас Крлевски за читателите на Дума.мк ги испрати неговите 20 напишани афоризми за оваа седмица:

1. Идеалист? Започнатото го зема за готово уште пред да го започне.

2. Ја земав работата во свои раце. Дигнав раце од сѐ!

3. Јас сум под астрономско посматрање. Моето его достигна вселенски размери.

4. Какви горештини!? Ми изгоре капата што ја вртев како дува ветерот.

5. Стартував како некој и нешто. Финиширав како никој и ништо.

6. Доби награда од публиката. Го исвирка!

7. Ми прават приземни работи. Живеат во облаци.

8. Кога сме кај правдата, мојата е спринтерска.

9. Сакам да живеам во Кина заради Кинескиот ѕид. Пишувам графити.

10. Интернетот е прозорец кон светот… на заклучена соба.

11. За да оставиш трага, треба да гризеш!

12. Сака да е свој на своето, а постојано виси на плотот на соседот.

13. Не умеам со жените, ама тие умеат со мене.

14. Лесноверноста е паразитна подлога за лагата.

15. Време на наместени тендери и испревртени критериуми.

16. Старите занаети изумираат, а најстариот пука од здравје.

17. Не се продаде. Понудата била мизерна.

18. Имаме многубројна администрација. Гласачи никогаш доста!

19. Гласајте за себе! – рече еден кандидат од листата и се заокружи.

20. Засуканите ракави не гарантираат загреано столче.

Вашиот, Атанас Крлевски

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.