Oбвинителството ги очекува доказите на полицијата и изјавите на сведоците за да формира предмет за случајот „дете нападна дете“ во ООУ „Блаже Конески“
По извршениот увид на местото на случката во училницата и ходникот на ООУ„Блаже Конески“ во 8:30 часот, изминатиот четврток, на 21 ноември и извршениот увид на лице место на Увидна екипа , полициските службеници на Сектор за внатрешни работи работат на комплетирање на доказите и изјавите на сведоците, на вд директорката на училиштето, на наставниците, на родителите на учениците и други лица како и институции кои се надлежни при вакви случаи.
Јавната обвинителка за подрачјето на Општина Велес, Цветанка Богоевска за Дума.мк изјави дека оваа државна институција издала наредба за започнување на предистражна постапка.
-Ги очекуваме обезбедените докази и изјави за да ја започнеме постапката на формирање на предмет. Штом полициските службеници ги предадат на Јавно обвинителство и Јавен обвинител ги разгледа јавноста ќе биде информирана за текот на постапката, додаде Богоевска.
И додека институциите работат на случајот, родителот на повреденото дете, поточно ученик во седмо одделение во ООУ „Блаже Коневски“, изјави дека стабилизирана е здравствената состојба на неговиот син. Детето, поточно ученикот, сеуште се наоѓа на лекување на Клиниката за неврлогија во Скопје чии лекари специјалисти ја следат неговата здравствена состојба која за среќа се подобрува.
Убавка Јаневска