Концептот „Дуално образование“ успешен, оцени министерката Јаневска и најави новина за ученичката пракса во македонски компании (фото)
Седум ученици на поранешното велешко а сега државно средно училиште „Коле Неделковски“ на организирана практична настава од дуалното образование одат во швајцарската компанија „Ронтис“ во Велес. Училиштето има вкупно 16 дуални паралелки со 238 ученици додека на учење преку работа кај работодавач одат вкупно 320 ученици. Сите тие се дел од речиси 4 илјади ученици во Македонија од 235 дуални паралелки во 62 средни училишта кои посетуваат ваква практична настава во над 500 компании. Оваа можност Министерство за образование им ја обезбедува на учениците и училиштата со поддршка на Амбасада на Швајцарија, Делегација на ЕУ и бизнис заедницата.
Концептот на дуално образование го создава потребниот, добро подготвен кадар за потребите на стопанството и со тоа го намалува јазот помеѓу понудата и побарувачката на македонскиот пазар на труд, констатираше Министерката за образование, Весна Јаневска при посетата со швајцарската амбасадорка Вероник Улман и извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев на велешката компанија „Ронтис“. Во присуство и на проектниот тим лидер, Курт Вутрих, извршија увид во спроведувањето на практичната настава директно на работно место за учениците од Регионалниот центар за стручно образование и обука „Коле Неделковски“.од Велес.
-Заедно со нашите партнери,овој концепт на образование, ќе продолжат да го спроведуваме и надградуваме, во рамки на проектот „Образование за вработување“ кој пак, овозможи обединување на енергијата и заедничко креирање ефективни образовни политики, рече Јаневска.
Министерката додаде дека презема конкретна иницијатива за продолжување на соработката како и дема министерството испратило допис до општините и средните стручни училишта кои во координација со компаниите треба да испратат информацииза реалните потреби од одреден кадар со што реално ќе можат да се планираат квотите за упис на ученици во средно образование во конкурсот за учебната 2025/26 година.
За Амбасадорката на Швајцарија, Н.Е Верoник Улман важно е вклучувањето на приватниот сектор во изведувањето на овие наставни програми за средните стручни училишта во дуалниот систем за образование.
-Тие ќе обезбедат сите овие млади деца кои ќе ги посетуваат средните училишта со дуално образование да можат дирекно кај нив да се вработат и да бидат корисни за компаниите. Преку овој проект ги пренесуваме позитивните искуства од Швајцарија во вашата земја,додаде Амбасадорката Улман.
Извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев, истакна дека концептпт Дуално образование придонесе да се надмине бариерата за стручно наместо гимназиско образование.
-По завршување на средно стручно образование,значаен дел од учениците, наоѓаат веднаш вработување во нашите компании.Она што е посебно важно е што само во последните пет години,од 10 компании кои активно се вклучувале во овој проект сега бројката се зголеми на 500 компании во Македонија.Тоа покажува дека овој проект има широк одзив.Често слушам „Вие ги подготвувате децата меѓутоа тие заминуваат во странство. Не е така. Целта на образованието е да спреми млади луѓе кои ќе бидат подготвени да се справат со сите предизвици, а доколку стекнале знаења значаен дел од нив ќе останат и дома. Имаме добри компании како што е „Ронтис,“ додаде Пешев.
Исто така, МОН, соопшти дека ги стипендира учениците во средното стручно образование а со новото законско решение предвидуваат тие да добијат надокнада и од фирмите што е во договорна постапка со бизнис секторот.
Тоа веќе го спроведува велешката фирма „Ронтис“ која им дава стипендија на учениците кои изведуваат пракса потврди директорката Бојана Димовска.
Убавка Јаневска