Акцијашите ветерани Ацков, др Нацев, Зафировска прогласени за највредни и за Ударник на годината Андоновски од страна на ЗГ„Велешки акцијаши“(видео и фото)
Осумдесет и шест годишниот ветеран Јордан Ацков е најредовниот од највредните учесници на вкупно изведените 30 доброволни работни акции во бригадирскиот ред на Здружението на акцијаши ветерани „Велешки акцијаши“. Веднаш до него е пензионираниот д-р Никола Нацев , според бројот на учества во доброволните акции, во чистење на банкини и собирање на смет покрај патиштата, бетонирањето на подлога за поголем паркин простор во комплексот цркви кај манастир „Свети Димитрија, неколку кратното уредување на дворовите на црквите, на Општа болница Велес и во пошумувањето на рид Вршник како и во помали изведени акции. На листата на неуморни и успешни волонтирања преку учество во доброволни акции е и Благојка Зафировска додека за Ударник за 2024 година ова здружение на граѓани го прогласи Драган Андоновски – Камбер поради неговата ангажираност, брзина, работа и умешност на акциите освен со копачот и лопатата да работи и со секаков вид на алати и машини.
На добитниците им беа врачени Благодарници, вчера вечер, на другарска вечер во кафеана „Боем“ во Велес. Малата свеченост беше дел од Другарска вечер, организирана за да се соопштат постигнатите резултати и да се одржи забава на која се негува другарстото, пријателството и даден личен придонес во акции за општо корисно добро на граѓаните на Велес, на Чашка и на соседните општини.
Претседателот на ЗГ „Велешки акцијаши“, Делчо Костов во име на граѓанското здружение ги врачи благодарниците. Костов тогаш соопшти дека во наредната 2025 година, ќе се избира Ударник на секоја изведена доброволна акција и сите ќе конкурираат за наградата „Ударник за 2025“ што исто така ќе биде крунисана со Благодарница затоашто станува збор за награда која е воведена за да стимулира натпревар меѓу ветераните и особено подмладокот на здружението кое започна процес на враќање на старите, добри, традиционални вредности како во поранешниот општествен систем кога да се биде акцијаш беше гордост а да се работи без финансиска добивка придобивка за својот град и за татковината.
На велешката Другарска вечер на ветераните на ова акцијашко здружение гости беа колеги, акцијаши ветерани од Скопје и нивни поддржувачи од Италија и од Чешка. Вечерта продолжи со евоцирање на спомени од акцијашките денови и младоста, со многу испеани бригадирски, велешки староградски како и македонски народни песни. Се разви и оро а и по некое танцување.
Убавка Јаневска