Се зголемува бројот на спомен обележја во градот што Општина Велес планира да ги осветли
Спомен Костурница ќе се доосветли. Со проект на Европска Унија ќе се осветлат и двата Јавори во центарот на Велес. Во вечерните часови, под слапови од светлина ќе бидат и сите спомен куќи под надлежност на Народен Музеј Велес заедно со Мало Мовче, кула на Градски Саат и Соборна црква „Свети Пантелејмон“. Ова, денеска, пред членовите на Совет на Општина Велес го соопшти градоначалникот Марко Колев одговарајќи на прашања од нив на 60 седница на Совет на Општина Велес.
Според Колев, набавката на потребните сијалици ќе се врши од најдобриот производител на светилки во Европа. Тој не го потенцираше името на фирма но бидејќи претходно зборуваше за промената на уличното осветлување најверојатно и оваа набавка ќе се реализира од српската „Шредер“ со седиште во Белград.
На седницата градоначалникот не прецизираше кога ќе се случи осветлувањето на предложените културни и спомен обележја на Велес само побара трпение од членовите на Советот на општината.
Убавка Јаневска