Одбележан јубилеј на хуманата мисија на велешки Црвен крст под мотото „80 години ние гледаме луѓе“

Објавено на 14 март, 2025 во 11:33

Општинската организација на Црвен крст Велес, вчера вечер, одбележа осум децении постоење со прослава којашто се одржа во Голема сала на Општина Велес.

Мотото на 80 годишниот јубилеј е „Ние гледаме луѓе“ и со него се истакнува важноста на хуманитарната работа на Црвениот крст во земјата. Прославата ја отвори претседателката на велешки Црвен крст, д-р Кевица Шопова Клифова. Таа изрази задоволство од фактот што сите овие години организацијата растеше, се развиваше и функционираше за да денеска пример е за хуманост и солидарност, препознаен од граѓаните како во големите градови така и во најмалите населени места.

-Делуваме на територијата на три Општини: Велес, Чашка и Градско. Со своите активности и постигнати резултати се вбројуваме во една од поуспешните на државно ниво. Горди сме на резултатите што ги постигнуваме, особено на планот на крводарувањето, со кое сме познати и надвор од Македонија. Ние со години наназад исполнуваме над 200 проценти од планираните крвни единици. Во последно време имаме и одлични рзултати на полето на првата помош со победи на Регионални и Државни натпревари. На завидно ниво е подготвеноста на тимот за одговор при катастрофи, но и работата со младите кои се носечката сила на организацијата. Трансформацијата на општсетвото донесе и трансформација во работењето на Црвениот крст, но добрата соработка со работните организации, институциите и поединците задолжени за работењето на организацијата во нивната средина, успешно продолжува. Благодарност за тоа од наша страна, потенцираше д-р Шопова Клифова.

Таа упати јавна благодарност за стотиците и илјадниците волонтери кои низ овие 80 години безпоштетно се вложиле себе си, вложиле илјадници волонтерски часови, труд, посветеност и голема желба за помагање и дале огромен придонес во изградбата на Црвениот крст, за  сите вработени и за претседателите, секретарите, членовите на собранијата и раководните одбори,  без чии заеднички ангжман Црвен крст немаше да биде на денешното рамниште.

По неколку проекции на видео материјали во коишто беше прикажан како развојот на македонскиот така и на велешкиот Црвен крст на присутните им се обрати Проф. д-р Ромел Велев, претседател на Црвен крст на Македонија кој ја нагласи поддршката како на хуманите и добри луѓе така и на локалните самоуправи со кои организацијата има добра соработка.

-Локалната самоуправа како единица на државата е потпората без која Црвен крст тешко би можел да ја исполни својата мисија кон граѓаните. Затоа и овој голем јубилеј го одбележуваме преку посета на општините и со свечен настан на кои им доделуваме признанија  за успешната соработка. Нема успешна приказна без поддршка од хуманите луѓе во општините и нивните лидери, градоначалниците. Вашата поддршка ни овозможува да ги реализираме проектите и да ги обезбедиме неопходните услуги за нашите граѓани. Без оваа поддршка не би можеле да развиваме услуги како што се помоши нега за стари лица, социјална поддршка на ранливи категории на граѓани, санитарен транспорт, брзи интервенции при катастрофи, здравствена едукација и многу други. Вашиот ангажман е клучен за изградбата на хумана заедница која се грижи за сите свои членови, додаде Велев.

Тој исто така се заблагодари и на волонтерите, дарителите, негователите, вработените и нивната посветеност на организацијата и хуманоста а потоа им додели признанија на Градоначалниците на Општините Велес, Марко Колев, на Градско Киро Нацков и Чашка Горан Стојановски.  

Во прикажаните видео материјали и на изложба со фотографии, што Општинската организација на Црвен Крст Велес ја постави во холот на Општина Велес беа одбележани неколку моменти кои говорат за функционирањето, пред скоро еден век, на територијата на општината.

Централната прослава на 80-годишнината на Црвен крст на Република Северна Македонија ќе се одржи на 17 март во Скопје.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.