Солзи, тескоба и молк вечерва на плоштад С`рмаале во Велес ( видео и фото)

Велешани тивко доаѓаа и застануваа, вечерва, на плоштадот околу фонтаната во центарот на градот. Брачни другари со деца, пријателки во групи или ученици со одговорен наставник од средните училишта. Молкум палеа свеќи, тивко плачеа и меѓу себе се поздравуваа со „Бог да ги прости“. Сите што еден час беа присутни на свој начин оддаваа почит за 59 загинати млади луѓе во пожарот во ноќниот бар „Пулс“ во Кочани.


Мајки посакаа да зборуваат и да бидат соговорници на Дума.мк.
Наместо да зборуваат, учениците одлучија да застанат на скалите пред зградата на Управата за јавни приходи и да ги отворат хамерите со испишани пораки за да ги види секој од присутните на настанот на кој се оддаваше почит за жртвите во Кочани.
Најголем дел од жртвите на најголемата трагедија којашто се случила во Македонија од нејзиното осамостојување до денеска, во Кочани, беа млади луѓе на возраст од 14 до 25 години. Вкупно 59 се жртви додека 155 се лекуваат во неколку болници во државава како и кај соседите на Македонија.
Убавка Јаневска
