Спасен залутан планинар од Скопје на планината Кожуф, од кавадаречка страна

Изгубениот планинар бил од Скопје, којшто ноќта, изминатава сабота кон недела, ја поминал на отворено, на планината Кожуф во близина на кавадаречко Мрежичко. Планинарот поради лошите временски услови, паѓање на снег и создавање на снежна покривка, загубил ориентација. Тој вчера околу 13:15 часот, побарал помош на единствениот повикувачки број 112 на Центар за управување со кризи (ЦУК).
По телефонскиот повик, биле мобилизирани службите на СВР Велес, ОВР Кавадарци, Гранична Полиција „ЈУГ“, Итната медицинска помош во Кавадарци како и Општина Кавадарци. Лице од Општина Кавадарци кое го познавало теренот, стапило во контакт со залутаното лице и по кратко време го пронашол. Планинарот со теренско возило го однел до безбедна куќарка, во близината, каде што бил згрижен. Потоа од страна на граничната полиција “ЈУГ“ лицето било транспортирано до Кавадарци.
„Оваа брза и координирана интервенција резултираше со успешно пронаоѓање на лицето, благодарение на тимскиот пристап и професионалноста на службите во Системот за управување со кризи (СУК). Особен придонес, со личниот ангажман и вклученост во потрагата, даде градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, со ангажирање на локални ресурси и ефикасна координација меѓу институциите, соопшти ЦУК.
Убавка Јаневска
