Поповски: Силно невреме доаѓа во Македонија!
Објавено: 17 јули, 2025, во 09:05 часот
Поради продор на посвежа воздушна маса од север, денес, четврток, 17 јули, во попладневните и во вечерните часови во Македонија ќе дојде до поголема дестабилизација на атмосферата и развој на грмотевични конвективни облачни јадра,локално, на повеќе места. Од овие конвективни облачни јадра на повеќе места очекувам појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер, соопшти метео прогнозерот Славчо Поповски.
„Локално, особено во северните, централните и во источните предели атмосферските процеси ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме, проследно со пороен дожд, силен ветер, силни електрични празнења и со појава на град. И во делови од Скопскиот регион денес, во попладневните и во вечерните часови, ќе биде нестабилно облачно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и со услови за појава на невреме со силен ветер и со појава на град.
Апелирам на поголема внимателност кај граѓаните во случај на појава на невреме, односно, во случај на појава на невреме и на силни електрични празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така, во случај на појава на силен ветер, автомобилите да се заштитат, односно, граѓаните истите да не ги оставаат во близина на дрвјата, особено оние дрвја кои се постари и осамени.
Што се однесува до температурите, тие денес сеуште ќе бидат високи и речиси насекаде ќе надминуваат 30 степени, а во Повардарието тие ќе се искачат и близу 40 степени. Сепак, утре, петок, 18 јули, поради продор на посвежа воздушна маса од север, температурите ќе бидат пониски за 4 до 6 степени во споредба со денешните. Максималните дневни температури на воздухот утре ќе се искачуваат во интервалот од 25 до 34 степени. Утре времето ќе биде претежно стабилно и суво, но сепак, можна е појава на сосема краткотраен локален дожд, особено претпладнето,“ додава Поповски.
На следниот линк можете да ја следите алатката за рано предупредување од невреме НОТАС, и истата е од голема корист на секој граѓанин https://nothas.finki.ukim.mk/
Дума.мк


