Годишна комеморација посветена на 79 годишнината од погубувањето на Мирка Гинова и на загинатите Македонци, борци на ДАГ во Грција (видео и фото)

Објавено: 26 јули, 2025, во 12:50 часот

Пред бистата на македонската хероина, наставничката Мирка Гинова и спомен обележјето посветено на загинатите Македонци, борци на Демократската армија во Грција во Граѓанската војна, денеска во Велес, се одржа комеморација. Комеморативното одбележување на 79 годишнината од погубувањето на Мирка Гинова и загинатите борци започна со интонирање на Химната на Македонија и на градот Велес.

Пред присутните пратеници, претставници на Совет на Општина Велес со претседателот Даниел Јаневски, заменик градоначалникот Коста Нојков, делегации на Општина Чашка, на политички партии, членови на семејствата на загинатите борци како и претставници на повеќе македонски здруженија кои се почитувачи на ликот и делото на Гинова како и на загинатите борци на ДАГ се обрати Бошко Божинов, претседател на Здружението за заштита на човекови права на прогонети граѓани од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“ од Велес.

Велешанката Јованка Марковска прочита лична творба посветена на прерано починатиот брат во Граѓанската војна во Грција како и на неговите соборци.

На бистата на Мирка Гинова и спомен обележјето почит оддадоа и положија свежо цвеќе пратеници, бројни делегациите и претставниците на институциите, граѓанските здруженија, политичките партии и членовите на семејствата, пред заминувањето кон Јасеново, општина Чашка каде исто така во дворот на Специјализираната болница има споменик посветен на борците на ДАГ.

Убавка Јаневска

Фото галерија:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.