По силното невреме вчера во Љубојно, денес, понеделник, доаѓа ново невреме!
Објавено: 18 август, 2025, во 09:30 часот
По силното невреме кое вчера,недела, 17 август, го зафати Лубојно, Ресенско, направи штети и поплави улици и куќи, денес следува ново невреме во повеќе делови од Македонија. Државата ќе биде под влијание на влажна и на нестабилна воздушна маса која е поврзана со атмосферски фронт од север со поладен воздух на висина.
„Времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер во поголем дел од Македонија. Локално, атмосферските процеси ќе бидат поинтензивни и ќе има појава на невреме со обилен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и со локална појава на град. И во Скопје и околината времето ќе биде нестабилно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме проследено со силен ветер и со појава на град.
Што се однесува до температурите, денес ќе се искачуваат во интервалот од 25 до 34 степени. Во Скопје и околината максималната температура ќе се искачи до околу 32 степени.
Апелирам поради многу нестабилното време, во случај на појава на невреме и на електрични празнења граѓаните да обратат поголема внимателност. Односно, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја додека траат електричните празнења. Исто така, во случај на појава на силен ветер граѓаните да ги заштитат своите автомобили, тоа значи да не ги ставаат во близина на дрвјата, особено оние кои се стари и осамени, “ соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк

