Коки: „Некои нешта немаат цена, токму затоа вредат најмногу“
Објавено: 18 август, 2025, во 10:12 часот
Велешкиот афористичар Никола Бошков Коки со нови осум афоризми за читателите на Дума.мк. Неговите кратки и прецизни мисли, препознатливи по критичката острина и социјалната ангажираност, повторно отвораат простор за размислување.
-Некои нешта немаат цена, токму затоа вредат најмногу.
-Кога челните луѓе во државата имаат проблеми со очите и ушите, кога министрите во некои министерства се во хаос, кога политиката е без филтер, а политичарите без морал, тогаш треба сите да бидеме загрижени за својата иднина.
-На политичарите не треба да им се верува ниту тогаш, кога лажат, а лажат толку искрено и уверливо, што вистината секогаш изгледа мошне грубо.

-ГРАДИМЕ, КРАДЕМЕ, ЛАЖЕМЕ…одиме понатаму, не се предаваме.
-Голема среќа е што меѓу бабиците нема политичарки: тие пред секое сечење на папчената врпца би држеле говор.
-Недостигот на тоалет- хартијата ќе биде мошне бргу решен…штом студентите ќе започнат да ги добиваат своите дипломи.
-Разликата меѓу кукавицата и секретарката е очигледна: кукавицата своите јајца ги става во туѓи гнезда, а секретарката своето “гнездо”, во туѓи јајца.
-Кога мажот ќе улови сом, тоа е риболов, а кога жената ќе „улови СОМ“ тоа е …БРАК.
Афористичар Никола Бошков Коки
Дума.мк

