Давчевска: Подготовка за училиште, чекор по чекор со децата со попреченост

Објавено: 23 август, 2025, во 10:14 часот

Секој почеток на учебната година носи возбудување, неизвесност и надежи и за децата и за родителите, па така и за наставниците. Но кога станува збор за децата со попреченост, овој процес е уште посензитивен и бара подлабока подготовка и посебен пристап. Како специјален едукатор, со години сведочам на различни ситуации од радост и напредок до страв и отпор, но најважно е да не брзаме и да не гледаме на почетокот на училишната година како на еднократен настан, туку како на процес што започнува месеци порано и продолжува низ целата година.

Првиот чекор е подготовката дома. Детето прво ја гради својата доверба дома. Родителите се тие што можат постепено да воведат активности кои ќе го подготват за училишниот ритам. Од практиката, знам дека секојдневните мали рутини имаат големо значење: будење во исто време, кратки задачи што наликуваат на училишни (на пример, да се седи на маса 10 минути и да се црта), па дури и симулација на училишен ден преку игра. Кај децата со аутизам, оваа структура е клучна, бидејќи предвидливоста носи чувство на сигурност.

Комуникација со училиштето е мост на доверба. Една од најважните лекции што ја научив е дека ниту едно дете со попреченост не може да напредува ако постои празнина меѓу училиштето и семејството. Родителите не треба да се двоумат да го информираат наставникот за потребите на своето дете дали тоа е потреба од дополнително време за задачи, визуелни потсетници или простор за смирување. Во исто време, наставниците имаат одговорност да слушаат активно и да покажат подготвеност за адаптација. Кога се гради оваа доверба, детето го чувствува и тоа му помага полесно да се интегрира.

Потребна е срединска подготовка. Од искуството знам дека многу деца со попреченост реагираат подобро кога средината им е визуелно и функционално подготвена. Тоа значи: табла со распоред на активности, јасно означени простории, место за лични работи, симболи или слики за инструкции. На пример, ученик со аутизам полесно ќе ја совлада секојдневната рутина ако има визуелна поддршка сликичка за час по математика, па сликичка за одмор и така натаму. Не смееме да ја заборавиме најважната подготовка, а тоа е емоционалната. Децата со попреченост често носат со себе дополнителни стравови. Тука улогата на возрасните е да ги охрабрат, да создадат средина во која грешката е дозволена и каде се слави секој мал успех. Од мојата работа, секогаш се потсетувам дека една пофалба може да отвори врати кои методологијата сама по себе не би можела.

Мој личен професионален совет е: не брзајте. Детето со попреченост има свој ритам, а улогата на сите нас родители, наставници и стручни лица е да го следиме тој ритам и да бидеме таму кога ќе му биде потребна поддршка. Подготовката за училиште не завршува со првото ѕвонче, туку таа трае со месеци и се гради секој ден, преку доверба, адаптација и прифаќање.

Автор на текст:

Марија Давчевска

Специјален едукатор и рехабилитатор/ Наставник- ментор/ Реедукатор на  психомоторика

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.