(фото и видео) „Велес на хартија – архитектонски портрети“: Цртежите на Петар Намичев ја оживуваат старата архитектура на градот

Објавено: 24 септември, 2025, во 10:38 часот

Дваесет дела од познатиот македонски истражувач и уметник Д-р Петар Намичев, вчеравечер беа изложени во автентичниот амбиент на Куќата на Касапови во Велес, како дел од изложбата со наслов „Велес на хартија – архитектонски портрети“, што се одржа во рамки на Европските денови на културно наследство 2025 година.

Изложбата ја отвори директорот на Народен Музеј Велес, Ангел Коруновски кој пред присутните истакна дека оваа изложба е резултат на иницијатива на младиот тим од институцијата, поточно на Лидија Ѓоргиевска – документатор како и Александра Гиовска – историчар на уметност.

Изложбата претстави селекција на цртежи со туш, инспирирани од старата велешка архитектура – фасади, сокаци, прозорци, капии и цели градски целини кои сведочат за богатото културно и градителско наследство од 19 и 20 век.

-На оваа изложба ќе видите селекција од околу 20 цртежи со туш на кои е претставена старата велешка архитектура, со која авторот се сретнал уште во детството поради велешкото потекло на неговите родители. Неговата фасцинација од старите велешки куќи и сокаци резултира со истражување во 2008 година, кое подоцна, во периодот од 2008 до 2010 година, тој го пренел на околу 50 цртежи претставени на изложбата Велешка куќа, истакна Александра Гиовска – историчар на уметност.

Посебна тежина на настанот му даде и архитектката Станка Амбаркова, долгогодишен истражувач на велешката архитектура, која даде стручна перспектива за значењето на овие објекти.

Цртежите на Намичев, детални и исполнети со чувство за форма, светлина и текстура, не се само уметнички израз, туку и визуелна документација на архитектонското наследство на Велес, поставувајќи ја изложбата како мост меѓу историјата и современоста.

На самиот крај на настанот, присутните имаа можност да го проследат и краткиот документарен филм „Кога законот заштитува“ од Никола Гајдов. Филмот, кој трае 7 минути, досега има освоено повеќе награди, меѓу кои прва награда за аматерска режија во Битола, трето место во Лондон, како и награда „9-ти Ноември“ во Велес.

Стефани Манева

фото:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.