(фото) Меѓународна ликовна колонија во ОУРЦ „Маца Овчарова“ по повод 3 декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост
Објавено: 3 декември, 2025, во 13:26 часот
Триесет и шест ученици од 15 училишта од Велес, околните места како и од Скопје, Битола, Струмица и Белград, денеска во просториите на ОУРЦ „Маца Овчарова“ твореа на тема „Нашето културно наследство“, во рамки на 29-тата по ред ликовна колонија за деца што традиционално се одржува по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Децата, фокусирани и во пријатна, релаксирачка атмосфера, создаваа уметнички дела на платно со акрилни бои и молив, а меѓу нивните творби можеа да се забележат мотиви од народни носии, градскиот саат во Велес, играорци и други елементи од движното и недвижното културно наследство.

На Меѓународната ликовна работилница учество земаа ученици и ментори од ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Блаже Конески“, ОУРЦ „Маца Овчарова“, ООУ „Васил Главинов“, ООУ „Панко Брашнаров“, ООУ „Рајко Жинзифов“ од Оризари, ООУ „Стојан Бручевски – Буридан“ од Иванковци, ООУ „Тодор Јанев“ од Чашка, ООУ „Даме Груев“ од Градско, ОУРЦ „Кочо Рацин“ од Битола, ООУ „Ванчо Прќе“, ООУ „Петар Поп Арсов“ од Извор, ОУРЦ „Климент Охридски“ од Ново Село – Струмица, ОУРЦ „Златан Сремец“ од Скопје, како и ученици од Белград од училиштето „Стефан Децански“ за деца со оштетен слух, кои своите цртежи ги испратија онлајн.

Со учество на училиштето од Белград, колонијата го задржува својот меѓународен карактер, наставникот по ликовно Спасе Перовски од велешкото училиште Маца Овчарова за Дума.мк изјави дека работилницата ја подготвува училиштето традиционално во текот на реализацијата се вклучени сите наставници.

-Темата на денешната 29 меѓународна ликовна колонија е „културното наследство – и движно и недвижно“. Децата можат да сликаат архитектура но и предмети што се дел од музеите. Имаме одлични ученици и ликовната колонија тече во најдобар ред. Предвидени се награди за најдобрите дела, поточно прво, второ и трето место, објасни Перовски пренесувајќи порака дека ова е настан преку кој децата од најмала возраст го негуваат нашето културно наследство затоа што тоа е наше минато но и наша иднина.

Организаторите најавија дека сите изработени дела ќе бидат презентирани на продажна изложба, односно лицитација, а собраните средства ќе се искористат за набавка на потребни материјали за децата од училиштето.
Стефани Манева
фото:






