Хуманитарката Гиовска: „Еден благослов од човек на којшто си помогнал е најубавото чувство“

Објавено: 1 јануари, 2026, во 10:40 часот

Велешанката Лорета Гиовска, сопственик на игротеката Teen Vibe и мајка на две деца во изминатиот период активно организира хуманитарни настани и помага таму каде што е најпотребно. По тешка лична загуба, Гиовска, својата болка ја претвора во мисија, поточно да подаде рака на оние што минуваат низ најтешките животни моменти.

Таа во предновогодишно интервју за Дума.мк, вели дека добро знае како изгледа кога животот ќе те собори и колку значи кога некој ќе покаже човечност во вистинскиот момент.

-Знам како изгледа кога животот ќе те собори. И знам колку значи кога некој ќе ти подаде рака. Таа добрина што ја добив некогаш – сега ја враќам назад. Сакам да бидам таа рака за некого, објасни Гиовска.

Покрај хуманитарната работа, Гиовска, секојдневно ја води и својата најсвета битка, мајчинството. Како самохрана мајка, отворено зборува за предизвиците со кои се соочува.

-Нема пауза за емоции. Понекогаш се кршиш ноќе, а наутро мораш да си насмеана. Тие очи што те гледаат зависат од твојата сила, додаде Гиовска.

Но хуманоста на Гиобска не завршува со јавните настани. Таа за Дума.мк откри и една приказна која досега не ја споделила јавно туку, како што вели, ја направила тивко и од срце.

-Личности што ги познавам од дете, добија социјален стан кој воопшто немаа со што внатрешно да го уредат. Во тој период со црвката „Свети Спас“ во Скопје искомуницирав да можеме да обезбедиме се што е потребно. За краток период тие добија сосема нов стан со врати и ламинат, со гарнитура, телевизор, кујнски елементи и детска соба. Ова е нешто што никаде не сум го кажала но сега едноставно почуствував потреба да го соопштам, додаде Гиовска.

Таа истакна дека зад секоја успешна хуманитарна приказна стои тим и поддршка бидејќи во хуманоста не можеш да си целосно сам.

Нејзината најсилна порака е и суштината на се што прави, како што вели, тоа не се признание, ниту бројки, туку благослов од задоволен човек на којшто си помогнал.

-Еден благослов од задоволен човек на којшто си му помогнал е најубавото чувство. Едно „да си жива и здрава, децата да ти се здрави и живи“ е се што ме исполнува. Очекувам со ваквиот благослов Господ Бог да ги чува и милува моите деца а јас би била благодарна, додаде на крајот Гиовска.

Оваа велешанка е доказ дена добрината не бара многу повеќе од благородно срце.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.