„Богојавление – Водици 2026“ во Велес: Стојанче Илчевски, од месноста Варналиите, го извади Чесниот крст од осветени води на Вардар во Велес (видео и фото)

Објавено: 19 јануари, 2026, во 13:23 часот

Меѓу најсреќните вкупно 86 мажи кои годинава пливаа во осветениете води на река Вардар во Велес најсреќен беше дваесет и три годишниот Стојанче Илчевски од месноста Варналиите. Илчевски е невработен хемиски техничар со завршено средно училиште. Тој скокна во Вардар заедно со неговиот брат и тајфа составена од уште пет другари.

Традиционално манифестацијата „Богојавление – Водици“, на која Митрополитот Повардарски Господин Агатангел ги осветува водите на Вардар и положува Чесниот крст се одржува на Мало Мовче во Велес. И годинава настанот следеше по одржување на литургија во црква „Свети Спас“ од каде Литијата доаѓа до центарот на Велес, поточно на Мало Мовче. Заедно со свештениците и граѓаните – верници годинава во Литијата беше министерот за култура Зоран Љутков, градоначалникот Марко Колев, пратениците Игор Здравковски и Александар Јамалов, кој со семејството беа кумови на манифестацијата, како и претседателот на Совет на Општина Велес Даниел Јаневски, раководителите на повеќе локални институции во Велес.

Во зграда на Епархија Повардарска беше соопштено името на најсреќниот од учесниците на манифестацијата „Богојавление Водици“ по што следуваше и дарувањето. По дарот од Епархија Повардарска, младиот Стојанче Илчевски го даруваше пратеникот Александар Јамалов, како годинешен кум а потоа следеа даровите на Општина Велес и останатите пријавени дарители.

Настанот „Богојавление – Водици“ и годинава од бреговите на река Вардар го следеа голем број на Велешани. За безбедноста на пливачите се грижеа медицинска екипа на Итна помош на ЈЗУ Здравствен дом Велес, волонтери на велешки Црвен крст како и голем број на кајакари од велешките кајакарски клубови.

За вгодина, кумови на манифестацијата „Богојавление – Водици“ се пријави семејството Мартулкови од Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.