119 години од раѓањето на велешанецот Георги Шоптрајанов, партизан, научник и државник
Објавено: 2 февруари, 2026, во 11:09 часот
Проф. д-р Георги Шоптрајанов роден е во Велес во 1907 година и уште во младоста покажал афинитет кон литературата и собирањето народни умотворби. Како ученик и студент бил активен во повеќе организации, вклучувајќи го комунистичкото младинско движење, а во 1927 година бил избран за универзитетски асистент, со што станал првиот Македонец со такво звање. По дипломирањето работел како професор по француски јазик, а благодарение на стипендија од француската влада, докторирал на Сорбона во 1935 година, истражувајќи ја француската ренесанса.

По враќањето во Македонија, Шоптрајанов се посветил на академската и општествената дејност, предавајќи на Филозофскиот факултет во Скопје. За време на Втората светска војна бил активен во македонското ослободително движење, а по војната станал првиот директор на Народната библиотека во Скопје. Како член на Првата комисија за јазик и правопис, се залагал за усвојување на македонскиот јазик во неговата стандардизирана форма.
Во текот на својата кариера, Шоптрајанов бил професор на Филолошкиот факултет во Скопје, каде ја основал Катедрата за романска филологија. Предавал и на универзитети во Франција, бил член на бројни научни организации и оставил значаен придонес во областа на француската филологија. Автор е на неколку книги и преводи од француската литература, со што оставил траен белег во македонската културна и научна историја.

Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес традиоционално го одбележува неговото дело со изложба на книги и материјали поврзани со неговиот живот и творештво.
Убавка Јаневска
