Монтажните објекти на кејот во изградба во Велес веќе нема да ги поплавуваат водите на Вардар, општината ќе ги издава под закуп – што со Туристичкото биро?

Објавено: 26 февруари, 2026, во 13:18 часот

Штом дотече Вардар постојано ги поплавува двата монтажни објекти, кои требаа да имаат намена на „Сувенирници“ поставени на кејот во изградба кај Мало Мовче. Има ли трајно решение општината за ваквата состојба гласеше едно од поставените советнички прашања за градоначалникот Марко Колев, на последната, осма седница на Совет на Општина Велес на кое што тој одговори.

-Носењето на Програма за микролокации на територијата на градот за поставување на урбана опрема, токму на оваа седница, ќе даде решение за дефинирање и на овие две локации за поставување на двете бараки. Тие треба да се преместат на повисокиот дел од кејот, каде што беше предвидено нивното поставување но затоа што градежните работи за изградба на паркингот којшто е зад потпорниот ѕид заврши пред неколку недели тие беа спуштени доле за да обезбедиме целокупна документација и да го завршиме проектот кој што беше блокиран од СДСМ за да си ги вратиме парите од ко – финансирањето на овој европски проект. Имаме цел да ги издадеме под закуп со намена за сувенирници или кафетерија која ќе нуди купување на кафе што е за носење со цел заживување на тој дел од градот. Ќе биде распишан Јавен повик за поставување и на други урбани елементи на други локации со цел да се раздвижи повеќе тој дел на градот или пазарот. Во јавниот повик нема да биде како досега „Прв дојден – прв услужен“ бидејќи од кога сум јас дојден на позиција градоначалник тоа ќе биде на еден јавен, транспарентен начин кој ќе понуди повисока ќирија тој и ќе ги добие,“ рече Колев.

Бидејќи советниците ја донесоа Програмата сега останува двата монтажни објекти да се преместат на точната локација која што за нив беше првично предвидена и да ги чекаат закупците што ќе се пријават на  јавниот повик распишан од општината.

Инаку двата објекти како додатни елементи, со намена за сувенирници, се дел од проектот „Courent“ за изградба на Кеј на река Вардар што Општина Велес го доби од Европска унија и требаше да го заврши во 2022 година. Неполни четири години подоцна можеби двата монтажни објекти ќе успеат да бидат ставени во функција и ќе издаваат услуги наменети за граѓаните, како што беше напишано во проектот.

Исто така, во централното градско подрачје на Велес, не ја доживеа намената за што беше планиран и просторот од проектот „Смарт езеро Младост“ поточно Туристичкото биро. Тоа се наоѓа на приземјето на популарно наречената „Синдикална зграда“, веднаш до „Јуроп хаус“. И тој три годишен проект заврши во истата година, во 2022, но до денеска Велес е град без Туристичко биро.

Убавка Јаневска   

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.