Промовиран романот „Клучниот код на молкот“ од Емилија Златкова Анастасова

Објавено: 21 мај, 2026, во 11:05 часот

Дванаесеттата книга и петта од серијалот со детективката Силвија Силјановска, „Клучниот код на молкот“ на Емилија Златкова Анастасова  содржи клучна порака поточно повик „да не заборавиме дека создателот не создал како луѓе и ни го вдахнал она што не изделува од ѕверовите, а тоа е љубовта и човекољубието.

-Знаењето треба да биде причина за моќ,со која човекот ќе се издигнува, а не причина поради која тој ќе чекори кон пропаст.Токму едно ново технолошко откритие,од областа на биотехнологијата и биоинформатиката, кое требало да биде ставено во функција на подобрување на човековото здравје, е јадрото околу кое се плете приказната во „Клучниот код на молкот“.Не е ништо ново дека медицината од памтивек е ставена во служба на подобрување на човековото здравје и на квалитетот на човечкиот живот.Ново е што во овој случај најновите научни достигнувања од областа на невропсихологијата, биологијата, генетиката и биоинформатиката треба да бидат искористени, не во полза на човековото здравје, туку за создавање  на синтетички нервни системи кои нема да можат да функционираат самостојно, туку ќе бидат контролирани и управувани од микрочипови.Основната функција на тие микрочипови би била преку импланти, внесени на две клучни точки на човековото тело,на челото и на десната рака,да влијае на когнитивните процеси на единката и на нејзиното однсување и дејствување, рече професорката и писателка Соња Карбева.

Според промоторката главниот лик во романот, Марина, требало да биде жртвувана како едно од првите деца врз кои ќе биде испитуван овој чип со задача да создаде луѓе-машини кои молчат и кои немаат своја волја, желба, мисли и чувства.Најпоразувачко откритие ќе биде сознанието дека алчен за пари и за наограничена моќ,Марина на жртвениот олтар ќе се обиде да ја стави лично нејзиниот татко, Алексеј Стеванов.

Рецензентката Десанка Николова за романот на  Емилија Златкова Анасатасова потенцира дека припаѓа на современата македонска крими/трилер литература и низ приказната ја отвора темата за исчезнатите деца, семејните драми, манипулациите и скриените структури на моќ. Таа посочи дека најсилното емоционално јадро во романот е односот мајка-ќерка, што му дава посебна тежина на делото.

-Романот успева да создаде чувство дека вистинската опасност не е самата технологија,туку човекот што сака преку неа да управува со другите луѓе. Во тоа лежи и суштината на тајната што постепено се открива дека системот не сака само да го контролира телото,туку и свеста,изборот и индивидуалноста.Затоа „кодот“ не е само компјутерски механизам туку симбол на современиот свет во кој човекот ризикува доброволно да ја предаде сопствената слобода.  „Клучниот код на молкот“ не е само роман за технологијата туку е роман за стравот од губење на душата во свет што се повеќе ја заборава вредноста на човекот. Овој роман е роман што бара учество.Тој не’ поставува како активни мислители. Не’ повикува да ги преиспитаме сопствените ставови,сопствените избори и сопствените граници, рече писателката Десанка Николова.

Авторката Емилија Златкова Анастасова појасни дека идејата да го напише романот „Клучниот код на молкот“ и да го посвети на својата ќерка Дебора ја добила од еден нејзин сон во којшто сонувала како нејзината ќерка е киднапирана.

-Сонував дека ја киднапирале, сѐ до моментот на еден телефонски разговор по што се разбудив. Иако беше сон, чувствата беа многу реални. Токму затоа се обидов што пореално да ги пренесам тие емоции и многумина кои ја читаат книгата велат дека ја чувствуваат многу вистински. За да ја напишам книгата, многу време истражував во светот на технологијата и сите поими во неа постојат во реалниот свет. Би сакала да порачам да ја прочитате книгата така што читајќи ја, таа, ќе ве поттикне да си поставите многу прашања и сами да ги најдете одговорите. Би ми било драго доколку ве поттикне длабоко да размислувате за врската на нашето постоење и технологијата, на која не треба да и робуваме туку таа да биде во полза на човекот, додаде Златкова Анастасова.

Промоцијата се одржа во Локална библиотека „Гоце Делчев“ во Велес.

А.Д

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.