Нема влез во Одделите за граѓански работи на МВР – СВР – ОВР со разголени нозе, гради и стомаци или на апастолки, Министерството воведува Кодекс на облекување  

Објавено: 28 мај, 2026, во 14:03 часот

Кодексот за облекување на Министерството за внатрешни работи се однесува за сите вработени и граѓани – странки кои се на работните места или доаѓаат по услуги во просториите на Одделот за граѓански работи. Правилата ќе треба да се почитуваат при вадење на нови или обновување на стари пасоши, лични карти, возачки дозволи и други лични документи.

„Како институција која постојано е во служба на граѓаните, веруваме дека соодветното облекување придонесува за подобра работна атмосфера и поголемо почитување на државните институции. Во таа насока, ги замолуваме сите граѓани, пред да дојдат во нашите простории за подигнување лични документи, пасоши или користење други административни услуги, да се погрижат нивниот изглед да биде во согласност со општоприфатените норми за јавни институции“, стои во соопштението на МВР.

Според Кодексот неприфатлива облека за влез во службените простории на Одделот за граѓански работи се смета:

– премногу кратка облека (многу куси и тесни здолништа, како и здолништа несоодветни за институција, куси панталони наменети за плажа или спортски настани);
– облека што прекумерно ги открива стомакот, градите или долната облека;
– облека што вообичаено се носи во домот, на плажа или во ноќни клубови;
– тренерки и облека наменета исклучиво за спортски активности;
– облека со навредлива содржина (текстови, слики или амблеми што можат да бидат навредливи за околината);
– несоодветни обувки (влечки, папучи, кломпи, налани и апостолки).

Исто така МВР напоменува дека и сите вработени во Одделот се задолжени доследно да го почитуваат утврдениот кодекс за облекување, наменет за вработените во Министерството.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.