Младите стрип автори од Балканот се обединуваат во Гостивар: „Уметност што обединува, порака што инспирира!“
Објавено: 29 мај, 2026, во 15:16 часот
НУ Центар за култура „АСНОМ“ од Гостивар, во партнерство со новоформираната групација „Стрип центар – Стрипот може“, се организатори на голема изложба која што има за цел да ги надмине регионалните поделби преку деветтата уметност. Партнерска организација во реализацијата е и групацијата „Стрип Центар – Стрипот може“ од Велес.
Изложбата која што, со почеток во 19:00 часот, ќе биде свечено отворена во НУ Центар за култура „АСНОМ“ во Гостивар е групна, на млади стрип автори од Македонија, Албанија и Србија, насловена како: „Уметност што обединува, порака што инспирира!“. Во регион кој често е оптоварен со историски конфликти и меѓуетничка фрагментација, младите уметници од Балканот нудат поинаква перспектива. Посетителите ќе имаат можност да видат стрип дела создадени во рамките на интеретнички проекти на Стрип центарот на Македонија (СЦМ), како и дела од други проекти.
Главниот координатор и раководител на групацијата, Томе Трајков вели дека изложбата има и дополнително значење, бидејќи претставува една од почетните активности на новоформираната групација „Стрип центар – Стрипот може“.
-Оваа организација-ќерка и програмска фракција на СЦМ се формира како израз на постојаниот развој на македонскиот стрип и неговата афирмација низ сите заедници во земјава. Настанот претставува директен уметнички одговор на културната изолација и маргинализација. Преку своите дела, младите автори испраќаат силни и инспиративни пораки за единство, мир и заштита на природата, потсетувајќи дека безвременскиот апел на Џон Ленон за мирот денес е порелевантен од кога било досега, додаде Трајков.
Тој, во име на организаорите, додаде дека со оваа иницијатива е создаден долгорочен процес за развој на локалната и регионалната стрип сцена кој нема да запре. Присуството на љубителите на уметноста ќе претставува важна поддршка за новата генерација автори кои ја градат иднината на балканската стрип култура.
Изложбата финансиски ја поддржа Министерството за култура и туризам на Македонија.

