Скопската полиција заштитила велешанка и дете од семејно насилство – апел до граѓаните: „Пријавувајте и како сведоци“
Објавено: 30 мај, 2026, во 12:54 часот
По објавите и информациите споделени на социјалните мрежи, во врска со случај на семејно насилство над велешанка и дете, полициски службеници на Сектор за внатрешни работи (СВР) Скопје веднаш постапле и презеле неопходни мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и за заштита на жртвите.
„На 29.05.2026 година, околу 11:40 часот во СВР Скопје, од страна на очевидец било пријавено дека на подрачјето на Центар, машко лице физички ја нападнало својата сопруга. Веднаш по пријавата, полициските службеници презеле мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и заштита на жртвата. По преземените активности било утврдено дека лицата се од Велес, по што од страна на полициски службеници од СВР Велес биле преземени дополнителни мерки за негово пронаоѓање.
Откако лицето Џ.Б. (48) од Велес, заедно со неговата 43-годишна сопруга, се вратиле во нивниот дом, тој повторно извршил физички напад врз сопругата и нивната малолетна ќерка, при што им упатувал закани со остар предмет. Благодарение на брзата и координирана реакција на полициските службеници од СВР Скопје и СВР Велес, лицето во 21:00 часот било лишено од слобода. Остриот предмет бил пронајден и одземен, а сторителот бил задржан во полициска станица,“ соопштија од Сектор за внатрешни работи Велес.
Оттаму додаваат дека за настанот ги известиле јавен обвинител и Центарот за социјални работи Велес, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
„Упатуваме апел до сите граѓани, доколку се сведоци или жртви на семејно насилство, истото веднаш да го пријават во полиција или до надлежните институции. Навременото пријавување овозможува брза реакција и соодветна заштита на жртвите,“ гласи апелот на полицијата.
Убавка Јаневска


