Велешката полиција, летово, ќе треба да добие од општината локација за трајно одлагање на одземени возила
Објавено: 4 јуни, 2026, во 10:16 часот
Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес времено го реши проблемот со запленетите моторни возила кои што со години се одлагаа, поточно беа паркирани, на паркингот наменет за службените полициски возила на велешката полиција. Старите, во делумно возна состојба или половни возила коишто полициските службеници ги запленуваа во акции или инциденти случаи од прекршители на закони добија времен простор со што се надмина грдата глетка од пред градежен објект којшто е целина со сместени повеќе подрачни единици на државни институции заедно со зградата на Општина Велес.
Од СВР Велес, одговорија на новинарските прашања на Дума.мк, дека постапката за обезбедување на простор за одложување ја започнало Министерството за внатрешни работи со што е обезбеден времен простор се до обезбедување на траен којшто е во ингеренции на Општина Велес.

„По поднесено барање од страна на МВР СВР-Велес до ЈП „Македонски шуми“, за овозможување и привремено користење на нивни простор во кругот на склад на Шумско стопанство „Бабуна“ Велес, склучен е договор од времен карактер, каде што е обезбеден простор за времено складирање на запленети моторни возила се до изнаоѓање на решение и согласност од општина Велес, за локација која ќе биде наменета за тие потреби. Одложени се дел од возилата што се наоѓаат пред СВР Велес. Станува збор за возила од различен вид, согласно основот по кој се одземени. Моторните возила се одземени по различни основи согласно Закон, а најчесто се поврзани со кривични дела,“одговорија од велешката полиција.

На последната седница на Совет на Општина Велес беше донесена одлука за обезбедување на парцела за оваа потреба на СВР Велес. Според секретарот на Општина Велес, Панче Јанев, засега е дефинирана местоположбата на локацијата и во тек е постапкаа на изговување на потребна техничка документација.
-Парцелата се наоѓа пред поранешната конфекција „Стоби“, спроти дворот на поранешна Топилница и во близина на складот за дрва на ШС „Бабуна“ за што општината е во подготовка на потребна документација. Со реализацијата ќе се овозможи трајно решение на оваа потреба на Сектор за внатрешни работи Велес, додаде Јанев.
Според неговите проценки, во текот на претстојното лето, локацијата – паркинг за одлагање на одземени возила од страна на полицијата ќе треба да биде ставена на располагање на полицијата.
Убавка Јаневска


