Нема кеш исплати на брзи кредити – измени на Законот за финансиски друштва

Објавено: 12 јуни, 2026, во 14:25 часот

Министерството за финансии подготвува измени и дополнувања на Законот за финансиски друштва, со клучна новина-воведување задолжителни внатрешни тела во секое финансиско друштво. Според предлог-решенијата, друштвата ќе мора да формираат одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик, надзорен одбор и други механизми за контрола, со цел подобро управување и намалување на ризиците во работењето.

Измените предвидуваат и построга контрола при отворање нови деловни простории. Наместо досегашната практика, финансиските друштва ќе треба претходно да добијат согласност од Министерството за финансии, при што ќе се оценува дали се исполнети пропишаните услови за работа.

Меѓу позначајните измени е и зголемувањето на основната главнина на финансиските друштва, како и укинувањето на исплатите во готовина. Доколку измените бидат усвоени, кредитните средства ќе може да се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка, што според Министерството треба да овозможи поголема следливост на финансиските трансакции и да го намали ризикот од злоупотреби.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за Телма телевизија изјави дека измените произлегуваат од засилени контроли, при кои биле утврдени слабости и непрецизности во постојната регулатива.

„По спроведените контроли утврдивме слабости и непрецизности во регулативата кои оставаат простор за различни толкувања и практики. Затоа пристапуваме кон заострување на критериумите и воведување поголем надзор, вклучително и задолжителни внатрешни одбори и ограничување на готовинските исплати“, изјави министерката.

Како што посочи Димитриеска-Кочоска, во дел од контролите биле утврдени неправилности, а во одредени случаи биле преземени и мерки, вклучително и одземање лиценци. Дел од постапките биле иницирани и по пријави од граѓани.

Со предложените измени, Министерството очекува повисоки стандарди во работењето на финансиските друштва и посилен институционален надзор врз секторот.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.