Велешките пожарникари апелираат: Не палете стрништа, сува трева и пасишта
Објавено: 22 јуни, 2026, во 09:47 часот
Територијалната противпожарна единица Велес, во соработка со Полициската станица Велес и Полициската станица Чашка, упатува сериозен апел до земјоделците, сточарите и граѓаните да се воздржат од палење на стрништа, сува трева, пасишта, отпад и други растителни остатоци на отворен простор.
Од ТППЕ Велес предупредуваат дека во услови на високи температури и суво време и најмало неконтролирано палење може многу брзо да прерасне во голем пожар, со сериозни последици по животот и здравјето на луѓето, шумите, земјоделските површини, добитокот и материјалните добра. Како што посочуваат, голем број пожари во изминатите години биле предизвикани токму од несовесно палење на стрништа и пасишта.
Во апелот се потсетува дека палењето на стрништа и пасишта е забрането со закон и претставува прекршок за кој се предвидени соодветни санкции. Во наредниот период, надлежните служби ќе спроведуваат засилени контроли на терен, а против лицата кои нема да ги почитуваат прописите ќе бидат преземени соодветни мерки.
Од ТППЕ Велес апелираат граѓаните да покажат одговорност и совесност, да не палат оган на отворено и навремено да пријават доколку забележат пожар или сомнително однесување кое може да доведе до негово избувнување.
-Само со заедничка грижа и одговорно однесување можеме да ги заштитиме природата, имотите и безбедноста на граѓаните, порачуваат од ТППЕ Велес.
Дума.мк


