Кавадарци го најави „Тиквешки гроздобер 2026“: Жељко Самарџиќ, Де Вито и Џејла Рамовиќ ќе ја предводат забавата
Објавено: 25 јуни, 2026, во 11:27 часот
Кавадарци и годинава се подготвува за една од најголемите и најпосетени манифестации во земјава. Советот на Општина Кавадарци на својата 11-та седница официјално ја усвои програмата за стопанско-туристичката и културна манифестација „Тиквешки гроздобер 2026“, која ќе се одржи од 4 до 6 септември.
Фестивалот, кој веќе го носи приматот за најдобар македонски општински фестивал и оваа година ќе понуди богата тридневна програма исполнета со музика, традиција, вино и забава за сите генерации.
Организацијата на културните содржини е доверена на компанијата „Иноватива груп“ ДОО Скопје, а централната сцена ќе биде поставена на Градскиот плоштад во Кавадарци, каде ќе настапат бројни домашни и регионални музички имиња.
Фестивалската програма започнува во петок, на 4 септември, кога публиката ќе ја забавуваат македонскиот состав „Зи Бомб“, регионалната трап-сензација Де Вито и DJ Галовски.
Во сабота, на 5 септември, на сцената ќе се искачат популарните македонски бендови „Дупер“ и „Нокаут“, додека главна ѕвезда на вечерта ќе биде легендарниот Жељко Самарџиќ. Истиот ден ќе се одржи и традиционалниот карневал, еден од најпрепознатливите симболи на „Тиквешки гроздобер“.
Големото фестивалско финале е закажано за недела, 6 септември, кога ќе настапат младата музичка ѕвезда Џејла Рамовиќ и пејачот Пеџа Јовановиќ. По полноќ, во 01:00 часот, посетителите ќе уживаат во спектакуларен огномет кој ќе го означи крајот на годинашното издание.
Покрај концертите, програмата предвидува и бројни дневни активности посветени на лозаро-винарската традиција на Тиквешијата. На Градскиот плоштад ќе бидат поставени брендирани штандови и шатори за промоција и дегустација на познатите тиквешки вина, ракија, маџун и традиционални специјалитети.
Во недела ќе се одржи и Детското карневалско дефиле придружувано од DJ Bono, додека Полициското паркче ќе биде уредено во духот на народното творештво и старите македонски обичаи.
Во рамки на фестивалот ќе се реализираат и повеќе спортски и забавни настани, меѓу кои кошаркарскиот турнир „Сестри Китеви“ во спортскиот центар „Јасмин“, мото-рели низ градските улици, изложба на олдтајмери на улицата „Илинденска“ и традиционалната таблијада.
Во Паркот на револуцијата, во текот на сите три фестивалски дена, ќе се емитува староградска музика и ќе се организира подготовка на скара, создавајќи автентична атмосфера за посетителите.
Со богата музичка понуда, традиционални содржини и препознатлив вински амбиент, „Тиквешки гроздобер 2026“ има амбиција повторно да привлече илјадници гости од земјава и регионот и уште еднаш да го потврди статусот на Кавадарци како македонска винска престолнина.
Убавка Јаневска


