Дефиле на бебиња во колички и мајки на велешките улици, во недела Општа болница со настан „Отворив очиња – видов ден“

Објавено: 26 јуни, 2026, во 10:13 часот

Настанот „Отворив очиња – видов ден“ што за прв пат ќе се случи во недела, 28 јуни, во Велес го организира ЈЗУ Општа болница Велес како иницијатива на здравствените работници од Гинеколошко – акушерското одделение. Посветен е на родителството, на новиот живот и на најубавите моменти од создавањето на едно семејство.

Идејата за овој настан произлезе од долгогодишното професионално искуство на здравствените работници од Гинеколошко-акушерското одделение, кои секојдневно се сведоци на најубавите моменти од животот – првиот плач, првиот поглед и првата прегратка меѓу мајката и новороденчето. Нивната работа не е само професионална обврска, туку и привилегија да бидат дел од моментите кога започнуваат нови животни приказни на семејствата,“ велат од велешката Општа болница.

Оттаму додаваат дека токму од желбата тие приказни да бидат одбележани и споделени со пошироката заедница, се роди иницијативата „Отворив очиња – видов ден“, која ја реализираат како настан кој има за цел да ја слави убавината на родителството, љубовта и новиот живот, но и да создаде нова велешка традиција која ќе ги обединува семејствата и сите оние кои придонесуваат во грижата за мајките и новороденчињата.

Се ова е повод во недела, на 28 јуни, со почеток во 18:00 часот на локацијата „Авона“, во Велес, да се одржи собир на здравствените работници од Гинеколошко-акушерското одделение и семејствата кои учествувале во програмата „Подготовка за раѓање“, што успешно се реализира во рамки на одделението во изминатите две години. Во 18:30 часот ќе започне симболичното дефиле „Патот до првиот поглед“, во кое родителите со своите бебиња во колички ќе се движат по улицата „Благој Ѓорев“ до Младинскиот парк. Дефилето симболично го претставува патувањето од бременоста, преку породувањето, до првата прегратка и првите моменти на родителството,“ додаваат од болницата.

Главниот дел на настанот „Отворив очиња – видов ден“ ќе се одржи во Младинскиот парк со почеток во 19:00 часот, каде за учесниците и сите посетителите предвидена е двочасовна програма исполнета со музика, дружење, детска анимација, фотографирање и изненадувања за најмладите и нивните семејства.

Настанот е поддржан од Општина Велес, како и од повеќе партнери и спонзори кои ја препознаа важноста на промоцијата на семејните вредности, родителството и грижата за најмладите. Како здравствена установа која секојдневно учествува во создавањето на нов живот, ЈЗУ Општа болница Велес останува посветена на поддршката на мајките, новороденчињата и нивните семејства. Веруваме дека секоја насмевка, секој убав спомен и секое семејство кое ќе понесе дел од атмосферата на овој ден ќе биде потврда дека заедно сме создале нешто вредно и трајно за нашата локална заедница,“ соопшти Општа болница Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.