Велес по 22 пат го чествува ликот и делото на народниот учител Панко Брашнаров – одбележана 75 годишнината од неговата смрт

Објавено: 13 јули, 2026, во 13:59 часот
Фото: Правнуците на Панко Брашнаров пред споменик во Велес

Во Велес, денеска, беше одбележана 75 годишнината од смртта на Панко Брашнаров народниот учител, македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО – Обединета и потпретседател на Президиумот на АСНОМ кој што поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото беше уапсен и испратен на Голи Оток, каде набрзо почина како најстар затвореник.

На споменикот на Брашнаров во Велес, во непосредна близина на Касарна „Алексо Демниевски Бауман“, негови правнуци, делегации на Општина Велес, на Советот на Општина Велес му оддадоа почит.

Панко Брашнаров на основачкиот конгрес на ВМРО Обединета , одржан во октомври 1925 година бил избран за член на нејзиниот прв централен комитет. Исто така тој ја имал честа, како најстар делегат на 2 август 1944 година да го отвори Првото заседание на АСНОМ, одржано во манастирот „Прохор Пчински“. Тој бил избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ како и за повереник за информации во Президиумот на АСНОМ.

Најпознат дел од говорот кој што Панко Брашнаров го одржал во историското „Прохор Пчински“ гласи:  

Другарки и другари народни претставители,

Во овој момент, во ова историско место „СВ. Отец Прохор Пчински“ и на овој историски ден – ИЛИНДЕН -, кога објавуваме да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, душата ми е преполнета со радост и пред премрежните очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.

Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија...“.

По ослободувањето на Македониј од фашистичкиот окупатор, на 26 ноември, во ослободеното Скопје, Брашнаров, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија е избран за негов потпретседател. Реизбран е во Президиумот на АСНОМ на Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 и на Третото заседание во април 1945 година.

По објавувањето на Резолуцијата на Информбирото против раководството на КПЈ во јуни 1948 година, Брашнаров недвосмислено застанува на страната на Советскиот Сојуз и Сталин во тогашниот спор со Комунистичката партија на државата Југославија. Тоа е неговиот голем „грев“ за кој што е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 година осуден е на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци.“ Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што на 13 јули починал.

На Панко Брашнаров, неговиот роден град, Велес,  во 2004 година му подигна споменик чиј автор е вајарот Петар Хаџи Бошков. Оттогаш е востановено и одбележувањето на годишнините од неговата смрт во градот во кој што е роден од страна на Општина Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.