Здравствен дом Велес со превентивни прегледи на велешани, 20 отсто од прегледаните имаа благо покачен шеќер во крв и 10 отсто лесно покачен крвен притисок
Објавено: 21 јули, 2026, во 11:23 часот
Голем број на граѓани, денешното утро на пазарниот ден вторник, го искористија и за бесплатно мерење на крвен притисок и проверка на нивото на шекер во крвта кои како превентивна заштита ги спроведе медицински тим на ЈЗУ„Здравствен дом“ Велес.


Екипата составена од здравствени работници и две ученички практикантки од Медицинската паралелка на ССОУ „Димитрија Чуповски“,утрово од 08:00 до 10:30 часот беше на локација во двор на ООУ„Панко Брашнаров“ во Велес.

Д-р Славица Нешова Пановски изрази задоволство од одзивот на велешани, претежно припадници на повозрасната популација во градот, кои дојдоа и направија превентивен преглед и кажа дека околу 20 отсто од вкупниот број на прегледани имаа покачено ниво на шеќер во крвта додека кај 10 отсто од нив имаше лесно покачен крвен притисок .
Со вакви, прегледи, пред се превентивни во услови на покачени летни температури јавната здравствена установа ќе продолжи и во месец август. Тие ќе се изведуваат на различни локации во Велес за што од Здравствениот дом рекоа дека претходно ќе ги најавуваат преку медиумите.
Убавка Јаневска


