По 10 години затвор за тројцата извршители на убиството на кавадарчанец пред казино во Кавадарци
Објавено: 24 јули, 2026, во 12:00 часот
Кривичниот совет при Основен суд Кавадарци ги прогласи за виновни тројцата кавадарчани Д.Б. (27), М.Ѓ. (36) и Д.С. (28) обвинетите за кривично дело „убиство“ на сограѓанинот П. Т. (43) и ги осуди на казна затвор во траење од по 10 години, поединечно.
„ Во кривичниот предмет немаше признание на вина и на обвинетите им е продолжен притворот бидејќи истите се прогласени за виновни“, соопшти Основниот суд Кавадарци.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци не е задоволно од изречената пресуда и најави жалба. Право на жалба на пресудата имаат и осудените затоа што станува збор за првостепена и не правосилна судска одлука.
Според обвинението на ОЈО Кавадарци станува збор за пресуда која се однесува на извршено убиство на заден влез на казино, минатата година, во раните утрински часови, на 27 август, кога тројцата обвинети со убиениот П.Т прво имале вербална расправија внатре за потоа при неговото излегување надвор од објектот физички да го нападнат со боксови и клоци во главата и телото. П.Т се обидувал да се извлече од ќотекот и да се врати внатре во казиното но не успеал. Како последица на здобиени тешки телесни повреди во главата П.Т починал на местото на кое што бил тепан констатирала екипа на Итна помош.
Казиното пред кое се случи овој немил настан се наоѓа во центарот на Кавадарци на улица „Никола Минчев“.
Убавка Јаневска


