Велешани го одбележаа празникот на патронот и заштитник на градот – „Свети Великомаченик Пантелејмон“ (видео и фото)

Објавено: 9 август, 2026, во 13:33 часот

И вчеравечер му служеа и со молитва на помош го повикаа велешани својот патрон и заштитник на Велес. На Свети великомаченик Пантелејмон му се заблагодарија за мирот и спокојот што им го дарува, што го чува градот и граѓаните од болести и невољи. Неговите молитвеници на својот целебник , којшто низ вековна традиција бдее на Велес, му кажаа дека тој е нишката која што преку верата, ги врзува годините, вековите, историјата и судбината на парчето земја на која се наоѓа нивниот град во кој што живее напатен народ.

По одржаната вечерна богослужба со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски, господин Агатангел со свештенството на Повардарската Епархија и по Поклонението пред централната икона на Свети великомаченик Пантелејмон во соборниот храм, во дворот и во предвечерјето на неговиот празник, пред голем број на верници како и поканети гости се обрати градоначалникот на Велес, Марко Колев.

Со Богоугодна реч во чест на Свети великомаченик Пантелејмон пред присутните се обрати Протојереј Ристе Јанушев.

Во дворот на велелепното здание на соборниот храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“ верниците и гостите имаа можност да присуствуваат и на концертните музички изведби на Јована Богдановска и нејзиниот бенд.

Голем број на верници и додека траеше програмата во дворот пристигнуваа во соборниот храм со цел да му оддадат почит и од семилостивиот светител низ молитви да побараат да продолжи да ги заштитува Велес и велешани како што тоа го правел низ вековите.

Чествувањето, организирано од Општина Велес и Повардарска Епархија, продолжи и денска со Света празнична и Архиерејска литургија со која чиноначалствуваше Митрополит Повардарски г, Агатангел заедно со свештенството на Повардарската епархија на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.