Во Кавадарци отворање на изложба на ликовните уметници Убавкова и Јосифов
Објавено: 10 август, 2026, во 10:39 часот
Во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов Климе ” Кавадарци, утре, вторник, ќе биде отворена изложба на ликовните уметници Марина Убавкова и Игор Јосифов од Кавадарци , насловена како “Париз, градот на светлината, вечна инспирација”.
Изложбата претставува циклус цртежи, слики и скулптури создадени како резултат на студискиот престој во Cité Internationale des Arts во Париз. Инспирирана од богатото културно наследство, архитектурата, музеите и неповторливата уметничка атмосфера на градот, таа претставува визуелен дневник во кој Париз се појавува како симбол на светлината, творештвото и културниот континуитет.
Преку современ ликовен израз, делата го истражуваат односот помеѓу личното искуство и универзалниот јазик на уметноста, претворајќи ги впечатоците од градот во визуелни записи исполнети со светлина, емоција и меморија. Изложбата претставува творечки дијалог со Париз – град кој со векови е неисцрпен извор на инспирација за уметниците од целиот свет.

Почетокот на свеченото отворање на изложбата е закажан за 20: 30 часот.
Убавка Каневска


