Жители на зграда во Велес со барања до општината да ги спаси од нечистотија, измет и урина пред влезот што секојдневно го користат како единствен пристап до дома (фото)

Објавено: 10 август, 2026, во 12:52 часот
Фото: Пристап до зградата фотографиран од граѓаните

Дваесет семејства кои што живеат во зграда на ул: „11 Октомври“ со број 15 во Велес испратиле преставка и бараат од Општина Велес итно да постапи за да ја среди како што пишуваат „нехигиената, нечистотијата, отпадот, смрдеата од урина и човечки измет“ на пристапот и околината на нивната зграда, како за возрасните така и за големиот број на малолетни деца.

Во нивното барање, испратено и до медиумите, овие велешани пишуваат:

„Во 2026 година е навистина недозволиво жителите на една станбена зграда да бидат принудени секојдневно да живеат и да поминуваат низ вакви услови.Проблемот започнува уште пред самиот влез во зградата. Како што може да се види и од приложените фотографии, пристапот до влезот е во крајно запуштена и неодржувана состојба. Бетонските скали и просторот пред нив се прекриени со насобрани лисја, отпад и нечистотии, додека ѕидовите и целиот простор оставаат впечаток на сериозно и долготрајно запоставување,“ пишува на почетокот на ова граѓанско барање.

Овие граѓани потоа наведуваат дека ваквата грда и слика која може да предизвика здравствени последици по нивните животи продолжува и кон самиот влез и скалите.

„Ние, жителите секојдневно се соочуваме со нечистотии, отпад, непријатни миризби, урина и човечки измет, кои се појавуваат во овој простор. Она што се гледа на фотографија е навистина гнасно и непријатно, но замислете како изгледа и како се чувствува сето тоа во живо, кога секојдневно треба да поминете низ истиот простор за да стигнете до сопствениот дом. Фотографиите не можат ни приближно да ја доловат непријатната миризба и чувството на гадење со кое се соочуваме при секое враќање дома,“ додаваат овие велешани.

Тие дообјаснуваат дека во непосредната околина на нивната зграда и домови, редовно се собирале лица кои консумираат алкохол, а просторот се користел и за вршење нужда и оставање нечистотии.

„Посебно сакаме да го истакнеме фактот дека во зградата живеат над 20 семејства и повеќе од 20 малолетни деца. За возрасен човек ваквата глетка е одвратна и вознемирувачка. Замислете како тоа влијае врз едно 10-годишно дете. Децата секојдневно мораат да поминуваат низ овој простор за да стигнат до својот дом. Имаме и ситуација во која 10-годишно дете е исплашено и не сака навечер само да се враќа дома, поради лицата кои се собираат во околината и поради непријатните сцени со кои се соочува,“ пишува во нивното барање.

Додавајќи дека не станува збор за објект колективен дом, на некоја споредна улица или напуштен простор туку на локација која има пристап до една од главните градски улици, граѓаните,  прават споредба со тоа што тврдат дека едната страна од пристапот, односно страната кон улицата и кај поранешно „Симпо“, во одредени периоди била почиста додека страната кон игралиштето била во исклучително лоша состојба.

Фото: Пристап до зградата фотографиран од граѓаните

Пишувајќи дека досега тие поднесувале повеќе поплаки и пријави до надлежните институции сега тие бараат од Општина Велес да изврши „итен увид на состојбата на терен“, да обезбеди „темелно чистење на пристапот, бетонските скали и просторот околу влезот“; да ги отстрани сите нечистотии и отпад; да се изврши соодветно миење и дезинфекција на просторот; да се преземат мерки за спречување на повторното загадување; да се обезбеди почесто одржување и контрола на локацијата; да се преземат соодветни мерки во однос на лицата кои го користат просторот за консумирање алкохол, вршење нужда како и нарушување на јавниот ред и мир и да се најде трајно решение, а не само привремено чистење.

„Бараме надлежните служби лично да излезат на терен и да ја видат состојбата во живо, бидејќи фотографиите, колку и да се очигледни, не можат целосно да ја прикажат реалноста, особено непријатната миризба и целокупното чувство при минување низ овој простор. Доколку до Општина Велес или до други надлежни институции навистина биле доставувани претходни поплаки за истиот проблем, бараме и тие да бидат земени предвид при постапувањето по оваа претставка. Не бараме ништо повеќе од она што секој граѓанин го заслужува — чиста, безбедна и достоинствена околина во местото каде што живее. Очекуваме сериозно разгледување на претставката и конкретно постапување во најкраток можен рок,“ гласат конкретните барања на жителите во зградата на улица „11 Oктомври“ со број 15 во Велес.

За ова граѓанско барање Дума.мк се обиде да добие став од општината. Официјално ќе испрати и новинарски прашања. Доколку оттаму одговорат тогаш одговорите јавно ќе ги објави.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.