Полицијата ги откри вандалите кои оштетија тартан подлога и стативи на спортско игралиште во Велес
Објавено: 20 август, 2026, во 14:03 часот
По јавно објавеното видео од страна на градоначалникот на Велес, Марко Колев на социјалните мрежи во кое што беа прикажани двајца малолетници како оштетуваат статива од спортски терен како и тартан подлога на спортски терен, Сектор за внатрешни работи (СВР) Велес денеска соопшти дека го открил идентитетот на двајцата вандали. Станува збор за две малолетни лица.
„Во врска со видеото објавено на социјалните мрежи каде две лица оштетуваат опрема во дворот на основното училиште „Васил Главинов“ во Велес, а по претходна пријава за оштетени спортски реквизити и тартан подлогата на ракометното игралиште во дворот на училиштето, СВР Велес презеде мерки и активности за пронаоѓање на сторителите. На 18.08.2026 и 19.08.2026, полициски службеници од СВР Велес извршија службени разговори со двајца малолетници на возраст од 15 години, во присуство на нивните родители и претставник од Центарот за социјални работи Велес и по целосно расчистување и документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци,“ соопштија од велешката полиција.



