Ќе се поставува сообраќајна сигнализација на „Раштански пат“ во Велес за поголема безбедност

Објавено: 31 август, 2026, во 14:59 часот

По 11 месечната реконструкција, улицата „Раштански пат“ во Велес ќе добие и нова сообраќајна сигнализација. Ќе се постават забавувачи на брзината со цел да се постигне сообраќајно смирување поточно да се вози со помала брзина од вообичаената која изнесувала повеќе од дозволената за на градски улици. Исто така, со ова ново сообраќајно решение општината очекува поголема безбедност  како за возачите со сопатниците така и за пешаците на оваа фреквентна улица.

Одлуката ја донесе Советот на Општина Велес, на 14 седница, која што се одржа во средата на 26 август на предлог на градоначалникот Марко Колев со 20 ласа „за“ и три „воздржани“. Воздржани беа членовите на советничка група на СДСМ.

Пред советниците образложение даде Јадранка Илијева – раководител на Одделение за комунални работи и сообраќај.

„Во реконструкцијата на ул.Раштански пат не беше опфатена фазата на сообраќајот. Во реализацијата на градежните работи се појави потреба од регулирање на брзината со која што сообраќаат возилата. Направен е сообраќаен проект и тој треба да го имплементираме. За таа цел треба да ги заштитиме како пешаците така и возачите.Пренаменуваме сретстава во нова ставка за набавка и монтажа на средства за смирување на сообраќајот, поставување на хоризонтална и вертикална сигнализација,“ рече Илијева.

Средствата се пренаменија од општинскиот буџет како дел од Програмата за уредување на градежно земјиште за 2026 година на Општина Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.