Што ќе ловат камерите на „Безбеден град“, системот во Велес стартува од утре

Објавено: 11 септември, 2026, во 09:52 часот

Камерите на „Безбеден град“ од утре, сабота, 12 септември, во Велес  ќе ги ловат брзите возачи на автомобили, товарни возила, моторцикли и мотори. Единствено засега можат да здивнат возачите на електрични велосипеди затоа што на нив нема регистерски таблици.

Возилата ќе мора да се управуваат според поставените сообраќајни знаци на градските улици. Најголемата дозволена брзина  изнесува 40 км/час.  Возачите ќе треба да внимаваат на поставените знаци на улиците и особено на тие кои се сметаат како посебни мерки за забавување на сообраќајот поточно на популарно наречените „легнати полицајци“. Нив освен на главните сообраќајници „Благој Ѓорев„, „8 Септември„ и „Алексо Демниевски Бауман“ ги има и на уште неколку други во градот поточно поставени се и пред клоновите на детската градинка, основните и средни училишта во Велес.

Системот „Безбеден град“ за неколку дена ќе стартува и во Кавадарци и во Неготино.

Министерство за внатрешни работи (МВР) веќе информираше дека во почетниот период ќе се евидентираат сообраќајните прекршоци како што се управување на возило со брзина поголема од дозволената, минување на црвено светло, изминат рок на важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирани возила, а во следната фаза од проектот планирано е проширување на видот на сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрира електронскиот систем.

„За прекршоците кои ќе бидат документирани преку системот Безбеден град, на сопственикот на возилото со кое е констатиран сообраќаен прекршок, МВР му доставува СМС порака на мобилен телефон и на електронска адреса (податоци кои сопственикот на возилото ги дал при регистрација на истото) со линк за преземање на Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог.

Доколку сторителот ја прифаќа одговорноста за сторениот прекршок во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог ќе плати половина од изречената глоба, ако истекол рокот од осум дена за да плати половина од изречената глоба, ќе може да го плати целиот износ на изречената глоба, најдоцна во рок од осум дена по истекот на рокот за плаќање на половина од изречената глоба, а пред постапката за извршување. Кога ќе заврши со плаќање на изречената глоба во дадените рокови не се плаќаат трошоци на целокупната постапка,“ напишва МВР во соопштение за информирање на  граѓаните. 

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.